Фата Хусиќ, која има 111 години и живее во градот Мостар, Босна и Херцеговина, многу е среќна и возбудена бидејќи оваа година по 104 пат по ред пости за време на Рамазан.
Во разговорот за агенцијата Анадолија (AA), Хусиќ рече дека за првпат почнала да пости во својата седма година, а сега и покрај напреднатата возраст, продолжува да пости, и вели дека сè додека здравјето ѝ дозволува, ќе продолжи со постот.
– Никогаш не сум ниту гладна ниту жедна. Тоа Алах ми го дава секоја година. Ако даде Алах, и овој Рамазан, ќе постам. Научив и петпати на ден да клањам, тоа не го пропуштам. Ми годи тоа, бидејќи навикнав и целиот мој род и пород живее со тоа. Штом ќе почнам со постот, ниту сум гладна ниту сум жедна. По цел ден нема никој, сите некаде одат, а јас со ова (покажува бројаница) разговарам, појаснува Фата.
Раскажува дека поради напреднатата возраст во текот на денот често заспива и не може да стигне да ја заврши секоја работа како порано, додавајќи дека ифтарот веќе го подготвуваат нејзините снаи и внуци. И покрај тоа што тие го избрале модерниот стил на живот, таа одвреме-навреме се потсетува на старите традиции.
Поради тоа често им раскажува за обичаите за да не се изгубат. Особено ѝ е важно да напомене дека алвата во текот на Рамазан има посебно значење за муслиманите.
Радоста да се споделува со соседите
Во семејството Хусиќ се чува и традицијата на подготвување баклава, која, како што вели, ја подготвува невестата по рецепт на својата почината мајка која била извонредна домаќинка. Но нејзе ѝ е важна традицијата на подготвување супа и јапрак или долма, бидејќи нејзините години не ја дозволуваат силната храна.
Трпезата е секогаш богата, но она што нејзе ѝ е најважно за Бајрам, е доаѓањето на многу гости и искрената радост на Бајрам, која во нивното семејство и соседството се споделува.
– Има соседи… За Бајрам доаѓаат многумина… И јас додека можев, не ги заборавав, кој и да се женел или мажел и родил, секому му дарував подароци, раскажува Фата за екипата на агенцијата Анадолија (AA).
Сега не може, но вели дека на младите генерации секогаш им говори дека треба да се внимава на соседите и да се споделува радоста со нив.
Постот е многу повеќе од одрекување од храната
Старицата раскажува дека и денес има луѓе кои веруваат и додава дека е жално да се видат многу од оние кои не се свесни дека гревовите и добрите дела се мерат и дека ќе дојде денот кога сите за нив ќе одговараат.
Таа потсетува на смислата на верата и учењето на Куранот. Нагласува дека е важно секој верник на почетокот на Рамазан да знае дека постот не е само одрекување од храна, туку многу повеќе од тоа. Тоа вклучува трпение и разбирање за другите и истакнува дека за постот е потребно знаење.
– Кој има живот, ако има месо и силна храна, може да јаде, може малку подобро и да пости, а кој има слаба храна, огладнува, вели Фата, раскажувајќи дека е добро и да се дели милостина на оние кои имаат потреба.
Преживеала три војни
Хусиќ ги советува верниците муслимани, со „Бисмиле“ (Во името на Господ) да влегуваат и да излегуваат од куќите и автомобилите, бидејќи смета дека без тоа и вистинската вера нема живот.
Тоа го осознала како дете во Првата светска војна, кога уште не знаела зошто плачат мајка ѝ, тетка ѝ и баба ѝ, испраќајќи го нејзиниот татко во војна, бидејќи верува дека молитвите, постот и милостината го спасиле.
– Кога татко ми појде во војна, плачеа баба ми, тетка ми и мајка ми, а јас не знаев зошто тие плачат. Кога дојдоа од војна, татко ми и уште седум други луѓе со него, сите беа ранети, само тој не. Се сеќавам добро, вели Фата, напоменувајќи дека преживеала две светски војни, како и војната во БиХ, но никогаш не престанала да ја практикува верата.
Поради тоа им порачува на сите, особено на младите, дека молитвата, постот и милостината се она што на Господ му е драго, а на секој човек му е потребно. Исто така порачува дека радоста на Бајрам треба да се споделува со секого.
Посака за сите верници во радост да го поминат Рамазан, со полно срце да го дочекаат најголемиот муслимански празник и да ја споделат радоста со целиот свет.
ФОТО: МИА