Пред околу 100.000 луѓе, попладнево во Белград почна завршниот митинг од кампањата „Иднината на Србија“, што го одржува српскиот претседател Александар Вучиќ.
– Сѐ може, ултиматуми и насилство не може, изјави меѓу другото српскиот претседател Вучиќ.
По завршувањето на работниот ден, неговите поддржувачи се собраа пред српското собрание. Центарот на Белград беше блокиран поради масовниот собир.
Митингот почна со емитување на видео спотот за кампањата на српскиот претседател Александар Вучиќ и со интонирање на химната, а на просторот пред собранието, според проценките, се собраа над 100.000 луѓе од кои многумина биле донесени со автобуси од внатрешноста на Србија.
Како дел од кампањата ,,Иднината на Србија”, прва се обрати премиерката Ана Брнабиќ, а потоа и Ивица Дачиќ, шефот на дипломатијата.
– Денеска на Србите никој не смее да им се заканува. Тоа што Александар Вучиќ сѐ уште не распишал избори, е доказ за неговата одговорност. И јас посакувам избори – рече Дачиќ.
Пред присутните на собирот настапија Аца Лукас и Бора Чорба со неговиот бенд.
Со автобуси од Косово стасале околу 7.500 луѓе, од централна Србија 90.000, а 35.000 од Војводина.
Од Лесковац утрово кон Белград тргнале 4.500 припадници и симпатизери на партијата на Александар Вучиќ.
Српската опозиција со протестите „1 од 5 милиони“ од јануари бара оставка од Вучиќ, а на минатонеделниот протест биле собрани околу 30.000 граѓани кои бараат слободни медиуми, дијалог и слободни избори.