Пред нас е многу жешка пролет

Со политички апсурди не може да се очекува економски напредок, не пак бум, особено не за оние што денеска ќе немаат ни за леб.

1007

Во интервјуто што го направив со Џевдет Хајредини, чии економски и политички анализи се бравурозни, длабоки и остри, тој вели дека нема зошто некоја година да се прогласува за економска година, како што тоа го направи Владата, затоа што таква треба да биде секоја година. Логично. Како што е (уште повеќе) логично секоја година да биде година на човековите права и слободи, еднаквоста, социјалната правда, демократијата.

Добро, можеби Владата мислеше на економски бум, па добро е такво нешто да се одбележи и да се стреми кон тоа. Но, ниту добра економија, ниту економски бум не се можни. Со турбулентна политичка сцена што постојано е на работ на пожар, со корумпирани и/или неспособни функционери, со национализам и повици на оружена пресметка со „предавниците“ од опозицијата – нема економија.

Со политички апсурди не може да се очекува економски напредок, не пак бум, особено не за оние што денеска ќе немаат ни за леб.

Погледнете, економијата назадуваше во месеците кога вемерото беше на улица и повикуваше на „долги ножеви“ по изборите во 2016 година. Потоа, го нападна Собранието на „крвавиот четврток“ и се обиде да изведе државен удар. Потоа, започнаа подготовки за локални избори, па и тогаш економијата стоеше. Тешко е да назадува економија кога зад неа има амбис… По локалните избори се забрзаа процесите за надминување на спорот со Грција, што веднаш повлече националистичка кампања, помогната од странски центри. Економијата стоеше и за време на референдумскиот процес и по неа, со уставните измени. Придружена со продлабочување на разликите, со тектонски поместувања во политичкиот распоред на силите, со неказнивост и… лов во матно.

Апетитите на амнестираните не се ограничија само на „покајување“ за злосторничкото дејствување. „Колаборативниот“ дел од Фамилијата мораше да се „подмачка“ со тендери и тендерчиња. Па, така и „портирот“ Мукоски, бате Саше и други батиња и сестрички со сменети капи или само малку накривени на другата страна, се закитија со по некое договорче за своите „професионални“ услуги. А, приказнава ќе биде предолга ако почнеме да зборуваме и за опуштениот однос на функционерите на власта кон јавните пари, се разбира, во спрега со коалиционите партнери и приврзоци.

Има ли шанси за економска благосостојба во куќа со паднат покрив и искршени прозорци, со затнат одвод и лоша инсталација? Ако некогаш напишав дека целата земја чека „Тато да ја смени сијалицата“, сега ред е да се одзатне ве-це шолјата. Пак ли ќе чекаме Тато сам да ја заврши работата?

Предвремени парламентарни може да изгледаат примамлива кратенка до отплеткување на политичкиот јазол. Тоа секако ќе значи удар врз економијата. И за многу помали работи, земјава покажува слабости и драматичен кусок од капацитети (моралот да не го споменуваме) за решенија. Економијата секогаш зависела од политиката, наместо обратно. А социјалната правда е губитник и во двете насоки, без оглед на тоа колку добро работи Министерството за труд и социјална политика, бидејќи едно успешно министерство ни оддалеку не е доволно.

Од една страна, процената е дека треба да се жртвува економскиот напредок, за да се расчистат тешките магли паднати врз системот – со избори. Од друга страна, сериозно прашање е дали на Македонија ѝ треба уште еден тежок политички стрес како што се вонредните парламентарни избори. Ова особено важи ако знаеме дека системот е крајно разнишан и со премногу недостатоци за кои нема време да се донесат функционални решенија (пишував и ќе пишувам пак за тоа).

Уште повеќе, ако знаеме дека „некои сили од надвор“ ќе бидат силно заинтересирани распоредот на силите да се промени во нивна полза или барем да продолжи бескрајната неизвесност и несигурност. Невозможно е да се направи добра проценка. Едноставно, која коцка и да се фрли, ќе падне на бош.

Навистина, премиерот се наоѓа во ужасно комплициран лавиринт од интереси и влијанија, читај: уцени и притисоци. Ѕидовите на тој лавиринт постојано се поместуваат, цело време криејќи го излезот со нови препреки и опасности. Без оглед на тоа дали ќе падне решение за предвремени парламентарни избори или не, крајно време е премиерот да направи неколку решителни чекори. Како што рече во интервјуто од пред неколку дена, доаѓа период кога ќе очекува повеќе работа и подобри резултати од министрите и градоначалниците. Мислам дека тоа подразбира и не мала бројка значајни разрешувања по целата вертикала. Ќе има што да се види во наредните неколку недели.

И, бидете сигурни, нѐ очекува навистина многу жешка пролет.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...