Пред изборите да падне одлуката за старт на преговорите со земјава, бараат европратениците

574
ФОТО МИА

Европратеници, членови на Мешовитиот парламентарен комитет Република Северна Македонија – ЕУ, побараа одлуката за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија да биде донесена пред изборите во земјава, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Претседателот на делегацијата на Европскиот парламент во Комитетот, Андреас Шиедер нагласи дека во моментов Унијата има историска улогата „да им дозволи на младите генерации од Северна Македонија да станат полноправни членови на ЕУ, бидејќи една генерација е веќе загубена“.

– Нема друга алтернатива, порача тој на заседанието на Мешовитиот парламентарен комитет.

Бугарскиот европратеник Александер Јорданов побара ЕУ да реши за датумот за старт на преговорите за членство пред изборите во Северна Македонија, со што „ќе се смират граѓаните на земјата“.

Пратеникот Бетиане Китев изрази благодарност до европратениците за усвојувањето на ургентната Резолуција на Европскиот парламент по француското вето за почеток на преговорите, со што ја потврдија нивната поддршка за проширувањето.

Грчкиот европратеник Лефтерис Николау-Алаванос, од редовите на Грчката комунистичка партија, истакна дека според принципот на неговата партија, тој е против членство не само на Северна Македонија, туку и на Грција во ЕУ и НАТО, бидејќи „од членството во овие организации најмногу страда народот“. Тој даде и свое толкување за ветото на Париз за проширувањето, кое според анализата на неговата партија, се должи на фактот дека француските компании не биле „добро укотвени“ во регионот.

Заменикот министер за надворешни работи Андреј Жерновски во обраќањето пред Мешовитиот комитет потсети дека Европскиот парламент секогаш било силен поддржувач на евроинтегративните процеси на Република Северна Македонија и придонесувало во развојот на соработката меѓу Собранието и Европарламентот.

Заблагодарувајќи им се на членовите на Комитет, Жерновски истакна дека Владата е горди на постигнатото и перспективите кои ги отвори за Република Северна Македонија.

– Свесни сме дека пред нас претстои уште многу работа, но досегашниот успех е гаранција дека ќе успееме во исполнување на нашите стратешки определби, порача Жерновски.

Тој притоа истакна дека во изминатата година земјава успеа да направи видлив напредок во исполнување на стратешките цели – членството во НАТО и во ЕУ.

– Очекуваме валоризација на постигнатото. Ние сме повеќе од подготвени за преговори за членство во Европската унија. Дебатата за нова методологија за процесот на проширување ја прифаќаме со отворен ум, ние поддржуваме поголема контрола и надзор во спроведувањето на реформите. Меѓутоа, тој процес може и мора да се одвива паралелно со отворањето на преговорите, истакна Жерновски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...