Две видео снимки од безбедносните камери во вкупно времетраење од околу еден час се гледаа во судницата во Кривичниот суд на рочиштето за обидот за убиство на Зијадин Села.
Двете снимки кои се пуштаа се од безбедносната камера што се наоѓа над влезната врата во прес-салата. На нив се гледа влегувањето и излегувањето на обвинетите во прес-салата каде беше претепан Села, исто и на сведоците во случајот. Можеа да се забележат и движења на пратеници, новинарски екипи.
Меѓутоа, изнесувањето на Зијадин Села од прес-салата не може да се види во целост, бидејќи непознато лице со рака ја поместува безбедносната камера, па половина од кадарот е свртен во ѕидот.
Од тоа што можеше да се види е раката и ногата на Села, се гледа оти е фатен за реце и нозе и го изнесуваат од прес-салата, меѓу лицата кои го изнесуваат е еден од обвинетите Александар Јаневски – Тошта и сведокот Антонио Кочков, а по неколку метри им се приклучува и обвинетиот Стојан Павловски – Кобра.
Непосредно пред излегување од ходникот пред прес-центарот и управувањето кон скалите се забележува и обвинетиот Коста Делов како со десната нога прави одредени движења, но на снимката не се гледа дали удира или не. Обвинителот тврди дека тоа е удар кон Села, адвокатите и дел од обвинетите реагираа дека тоа не може да се заклучи од снимката бидејќи не се гледа.
На почетокот снимките се гледаше моментот кога толпата доаѓа кон прес-салата, меѓу нив лица со фантомки, но и собраниското обезбедубање. Лицата со фантомки се расправаат со обезбедувањето па се повлекуваат, слично се случува уште еднаш, а во третиот наврат лицата со фантомки се мешаат со останатата толпа и навлегуваат во прес-салата. Меѓу оние со фантомки е и едно од лицата со црна маица со број 46 кое беше посочувано од сведоците.
На снимките се гледа и доаѓањето на Сашо Тасевски, обезбедувањето на Оливер Спасовски. Се забележува раздвиженост од толпата, новинарски екипи кои излегуваат, дел од пратениците како Дамјан Манчевски, Радмила Шекеринска, Стево Пендароваки, Артан Груби…
Во еден момемт се гледа и како шефот на обезбедувањето цо Собранието паѓа на подот во ходникот. Околу него доаѓаат лица со фантомки, но присутните други лица од обезбедувањето го заштитуваат.
Движењето кон прес-салата преку видео снимките во тој временски интервал од околу еден час беше евидентирано и на обвинетите: Никола Војминоски, Стојан Павлески Сашо Сенков, Кире и Цејо Ѓорѓиевски, Александар Јаневски Тошта, Коста Делов, Оливер Ошавковски…
Исто така, се забележува оти во прес-салата влегуваат и сведоците кои сведочеа на минатите рочиште меѓу кои и Абдулфета Аљими од обезбедувањето на Собранието кој инаку е меѓу 30-те обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок токму при крвавиот четврток.
На снимката се забележува и доаѓањето на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев кој беше посочувам како еден од оние кои ги бранел пратениците од власта.
Обвинителот нагласи дека на снимката се гледа и една новинарка за која сведоците зборуваа дека цело време снимала и кај која бил извршен претрес за да се одземат видео снимките.
По паузата, на рочиштето се очекува да бидат пуштени и други видео снимки од безбедносните камери, како и снимки од медиуми.