Во завршниот дел од својата ФБ-колумна премиерот Заев пишува: „Подготвен сум да ја понесам мојата политичка одговорност за своите постапки. Но не сум подготвен да дозволам повторно, заради нечие его и безобразлук на некој наш функционер, режимската чизма повторно да ја гази Македонија.“
Како да се разберат тие видливо енергични, искрени и не помалку огорчени зборови на премиерот мотивирани од, барем донекаде, неочекуваниот мршав резултат на СДСМ-коалицијата во првиот изборен круг на претседателските избори?
Како своевиден политички наивизам на човек кој со најдобри намери си постава себеси една невозможна мисија („не сум подготвен да дозволам“) да го искорени дивиот егоизам („нечие его“) кога добро се знае дека, откога постои векот и светот (а и политиката во тој свет), тој е неискоренлив?
Тој е нешто како оној „пиреј“ со кој водачот на опозицијата Х. Мицкоски ја споредува својата партија, наслов на роман од П. М. Андревски кој пак, од своја страна, зборува не за неискренливост на партија, туку на – народ (Македонците).
Зошто своевиден политички наивизам? Затоа што постои силна и моќна интелектуална традиција која вели дека тој див егоизам „знае да ги игра сите улоги, да ги зборува сите јазици, дури и оној на несебичноста“ (Ларошфуко); затоа што антропологијата на еден голем филозоф (Кант) ни вели дека без тој егоизам (див или питом), не може да се замисли душата на кој било човек (што значи дека тој е потенцијално даден и кај оние со кои премиерот Заев мисли да ги замени како оние што се нашле во канџите на нивнто „его“, така и оние што му подлегнале на својот „безобразлук“) и, најпосле, затоа што начелото „љуби го ближниот свој како што се љубиш себеси“ е само убава илузија: според Достоевски, тоа подразбира укинување на „его“ во името на „алтер“ (другиот: во конкретниов случај оној човек од обичниот свет на кој, според премиерот, треба да му служи секој честит функционер „без безобразлук“).
Па сепак, има нешто, во зборовите на премиерот кое не само што ја бара, туку и ја заслужува нашата безрезервна поддршка. Најпрвин, неговата улога и заслуга за спектакуларниот Преспански договор е исто толку важна колку и онаа на неговиот грчки аналогон Алексис Ципрас, на американската адмнистрација, на Хан и на Могерини (ЕУ). Потоа, не е сеедно дали вие ќе се потрудите да му ставите узда на својот див или питом егоизам кој знае да се скрие дури и зад „несебичноста“ за која зборува Ларошфуко или, напротив, ќе му се покорите. Не е сеедно дали вие од копнежот по доминација (Herrsuht) во речникот на Кант, ќе направите главна одлика на вашата личност или, напротив, ќе се обидете да воспоставите власт над себеси. Тука ќе се воздржам од коментар на мислата на Достоевски затоа што таа е напишана во посебни околности (смртта на Марија Димитриевна, неговата прва сопруга) и затоа што бара многу детали.
Ако не е сеедно, ако по таа линија се разграничуваат дивиот егоизам кој копнее по доминација, кој покорува, кој гази сè пред себеси и кој пустоши, од питомиот кој се љуби себеси како прв услов да се љуби ближниот свој (кај Русо има крупна разлика меѓу amour propre – самољубје и amour de soi – љубов кон себеси), тогаш не е ни сеедно дали вие, макар и на зборови, ќе се дистанцирате од тој див егоизам („его“ и „безобразлук“ во речникот на премиерот) или – не. Нашиот политички пејсаж сега засега е таков.
Имаме силна опозиција која не само што нема намера да се дистанцира од десетгодишниот див егоизам на пастир Никола Груевски, туку, напротив, низ устата на својот пртседателски кандидат Силјановска постава знак на еднаквост меѓу „титовизмот, милошевизмот и заевизмот“. И колку да звучи парадоксално, таа црна пропаганда на опозицијата наиде (од милион други не помалу важни причина) на свој одек во јавноста кој се изрази во резултатот од првиот круг на гласањето за претседател на РСМ. А зошто? Затоа што црната пропагнда е систематска манипулација; таа функционира според правилото „каде што има чад има и оган“; затоа во животот и судбината на човек играат приближно иста улога тоа што го прави (res) и тоа што се вели (verba) за него.
Над тие две работи нема власт и моќ премиерот. Но затоа пак има моќ и власт над сите оние од редовите на власта кои му подлегнале на дивиот егоизам или на функционерскиот „безобрзалук“ и, на тој начин, свесно или не (во крајна анализа тоа е сеедно) му отвораат поплочен, царски друм на груевизмот под маската силјанизам или мицковизам. Ете зошто треба не само да му се верува на премиерот туку и да се поддржи енергично неговата решеност да не дозволи „режимската чизма повторно да ја гази Македонија“.