Предлог-законот за класифицирани информации во прво читање денеска треба да биде разгледан во собраниската Комисија за европски прашања и во Законодавно-правната комисија.
Предлог-законот завчера беше прифатен во матичната Комисија за одбрана и безбедност, а министерката за одбрана Радмила Шекеринска во образложението нагласи дека законот ќе се однесува на националните класифицирани документи, но и на класифицираните информации кои се добиваат од страна на меѓународни организации или создавање меѓусебна соработка, со главен акцент на комуникација со документи кна НАТО што се и класифицирани.
– Класификацијата не смее да биде основ за прикривање. Напротив, се дава безбедност и заштита на сите лица кои сметаат или можат да утврдат дека класификацијата била злоупотребена за да се покрие кривично дело, незаконско работење или злоупотреба. Тоа тука е јасно прецизирано – истакна Шекеринска.
Таа додаде дека привршуваат сите подготовки за да се обезбеди и физичка и процедурална безбедност на класифицираните иниформации, а тоа значи дека пристапните точки до кои ќе стигаат документите и информациите на НАТО се прилагодуваат целосно на стандардите на Алијансата. Во сите клучни институции, потенцира Шекеринска, се привршуваат целосни мерки на физичка стабилност, затворање на прозорци, заштита од електромагнетно зрачење и целосен видео надзор.
На седницата на Законодавно-правната комисија се и Предлог – одлука за испраќање на припадник на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина и Предлог-одлука за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Исламската Република Авганистан.
На посебна седница Законодавно-правната комисија ќе го разгледува Предлог за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија за 2019 година во второ читање.
Во Собранието денеска ќе се одржи и јавна расправа на тема: Улогата на жените во руралните средини и нивните предизвици во Комисијата за еднакви можности на мажите и жените.