Предлог законот за амнестија на седница откако ќе го види Џафери

519
ФОТО: EPA/MAJA ZLATEVSKA

Предлог законот за амнестија се уште не е доставен до кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак има законски рок од три дена во кој треба да го разгледа предложеното решение, а дури потоа да се најде на дневен ред на собраниска седница, откако претходно ќе им биде доставен на пратениците, објаснуваат извори во Собранието за Плусинфо по неофицијалните информации дека е можно за предложениот закон за амнестија да има гласање на почетокот на наредната недела.

Од кабинетот на Џафери велат дека за в понеделник има закажано пленарна седница и ако до тогаш предложениот текст на законот за амнестија влезе во собраниска процедура, допонително ќе биде ставен на дневен ред на седницата.

Во групата за помирување велат дека предложениот текст се уште се разгледува во парламентарните групи кои треба да дадат свои забелешки, така што не можат да прецизираат дали таа постапка ќе заврши во следниве неколку дена.

Обвинителството за настаните од 27 април, товари 33 лица, од кои 28 се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Според неофицијални информации од телото за помирување, се очекува со овој закон да бидат амнестирани десетмина, меѓу кои не се Митко Чавков, поранешниот прв човек на Бирото за јавна безбедност на МВР и Владимир Атанасовски, поранешен шеф на УБК. Атанасовски на судските рочишта беше посочен како организатор на настаните од 27 април 2017 година.

Законот за амнестија не овозможува помилување за учесниците во настаните од 27 април кои извршиле насилство, оние кај кои ќе се утврди командна одговорност и оние кои стојат зад организацијата на упадот во парламентот.

Според предложеното решение, учесниците во крвавиот четврток кои ќе бидат амнестирани, сепак ако сакаат можат да докажуваат дека се невини и по судски пат.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...