Владата иницираше постапка за Предлог за пристапување кон уставни измени, кои веќе се пристигнати во Собранието. И покрај започнувањето на постапката за уставни измени неизвесно е дали ќе има доволен број пратеници (80) за нивно носење или ќе се оди на предвремени парламентарни избори.
За многумина во Македонија, но и за претставниците на ЕУ и НАТО предвремени парламентарни избори не се решение за излез од оваа ситуција која настана по референдумот, кога излезноста беше околу 37 отсто, а опозициските пратеници кажаа дека нема да поддржат уставни измени.
Предвремени парламентарни избори за Македонија би значеле уште едно оддолжување на процесот на реформи за влез на земјата во Унијата и членство во НАТО, би имало влијание врз буџетот бидејќи ќе треба да се одвојат средства за нивно одржување, а би можела да се доведе во прашање целокупната изборна постапка имајќи предвид дека се најавува изборен циклус во кратки рокови. Првичниот рок за распишување на избори што го првично го најави премиерот Зоран Заев беше среда, 10 октомври, но како што велат од владејачките партии тоа би можело да се пролонгира до крајот на неделата. Во понеделник е закажана нова пленарна собраниска седница, која би можела да биде последна во овој состав.
Од владејачките партии велат дека разговори со пратениците од опозицијата има, но никој јавно не кажува со колкумина и кои се тие. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, ги отфрлаат овие тврдења велејќи дека пратеничката група е единствена и дека нема да поддржи уставни измени за промена на името.