Клучниот предизвик на марксизмот од секогаш бил, на што посебно се задржува Ерих Фром во својот есеј од 1984 за „Капитализмот и социјализмот“, дали капиталот управува со трудот или пак, трудот управува со капиталот или пак, одговорот треба да се бара во соодносот во кој ќе се почитува меѓусебната зависност и условеност?
Одговорот на овој предизвик е посебно актуелен денес од две причини:
Првата, заради предизвиците кои произлегуваат од глобализацијата која ги руши националните граници и предизвикува огромна концентрација на капиталот на планетарно ниво, а со тоа и планетарно владеење на мултинационалните корпорации во кое доминира профитот и нема место за социјалната држава со која, европската социјалдемократија, го градеше балансот меѓу алчноста на капиталот и трудот наспроти ригидниот реал социјализам во кој капиталот ја губеше моќта на движечки фактор наспроти уравниловката.
Втората е предизвикана од последиците од распадот на и онака, како што го нарекува Фром, деформираниот социјализам, а пред се чувството на безперспективност изразено низ парадигмата „капитализмот е лош но подобра понуда нема“.
При тоа не станува збор за вулгаризиран, материлјалистички дискурс, туку пред се за местото на човекот, станува збор за отуѓениот човек во потрага на своето опстојување како Homo Humanicus. Глобализацијата како систем на владеење, наспроти глобализмот како објективен процес, на отуѓеноста на човекот и на неговата егзистенцијална зогрозеност и даде планетарна димензија. Секојдневно стотици луѓе потонуваат во водите на Средоземјето или гинат пред железните огради на логорите во потрага за елементарна егзистенција. Трагедија кон која веќе станавме резистентни.
Чуствувајќи ја трагедијата на отуѓениот човек, според францускиот филозоф, и марксист – Luis Pierre Althuser, К. Маркс заговарал две револуции: една научна, врзана за материјализмот и стопанството и друга мисловна „филозофска“. Наведувајќи ги овие идеи на Althusser, Ален Бадју – француски филозоф, левичар, математичар, есеист и романсиер, смета дека таков пристап е потребен денес. Според него „диктатурата на приватната сопственост го разорува општеството со тоа што целата моќ е во рацете на мала група на олигарси која е опслужувана од банкари и политичари“. Таквите ставови тој ги аргументира наведувајќи ги следните податоци:
- Само 1% од светското население во текот на последната глобална криза продолжи да го зголемува профитот, а останатите 99% биле во загуба.
- Само 1% од населението поседува 45% од светското богатство, или пак 10% од светското население располага со 86% од вкупното богатство.
Според А. Бадју, Маркс бил во право кога тврдел дека сите демократски власти работеле во полза на капиталот. Санацијата на банкарскиот систем во САД, како и должничката криза во ЕУ како и во поранешните социјалистички држави се спроведе и се спроведува врз плеќите на работниците и граѓаните. Од буџетот на САД се трансферираа над 850 милијарди американски долари, ЕУ пак, тоа го остварува преку програмата на мерките на штедење и т.н. реформи која ја наметна тројката ги обезбеди изворите за санација на банките. Бугарија се задолжува со кредит од 1,5 милијарди евра за санација на банкарскиот систем, со што ќе го задолжи секој граѓанин кој сега се родил со по 1.700 евра, а во Словенија со закон е формирана посебна институција, ДУТВ, исто така со задача системски да помогне во преструктуиањето на бакарскиот систем односно системски да ги ограби словенечките граѓани (Анализа на ИФИМЕС Љубљана). Тоа се случи и во Македонија во случајот со Стопанска банка која откако беше очистена се продаде. Сметката за ваквата банкарска хигиена ја плаќаат граѓаните.
Ова се само почетни потсетувања дека марксисистичкото сфаќање на општеството, на историјата и на светот во кој живееме денес, а пред се неговиот критички дух, за причините за кризата во која живееме, не се мртви и после 200 години од неговото раѓање. Секако во овој долг период марксизмот се соочуваше и се соочува со многу предизвици, а пред се со неговата догматизациј која го претвори во идеологија како инструмент за владеење, но тоа не значи дека марксизмот е мртов. Напротив огромната социјална раслоеност и доминацијата на неолиберализмот во сферата на економската мисла го чинат исклучително актуелен што впрочем е и основниот мотив за обраќањето и за пораките на Жан Клод Јункер, претседател на Комисијата на ЕУ по повод 200-годишнината од раѓањето на К. Маркс.