Предизборно жртвување и постизборно прилагодување

Исто како и во политиката, си зборував сам со себе. Ни се ближат избори, а мајка Македонија очигледно сѐ уште се нема помирено со промената на своето име преку потпишувањето на Преспанскиот договор.

486

Неодамна се сретнав со двајца мои познаници за кои скоро и да сум заборавил дека постојат. Инаку, многу интересни типчиња – еднојајчaни близнаци кои буквално целиот живот функционираат како еден човек.

Паметам, во времето кога сѐ уште постоеја маалските дружби, ние повозрасните деца постојано си правевме мајтап со нив и ги теравме да стојат еден покрај друг за да им ги воочуваме разликите. Ама, верувајте, разлики никогаш не можевме да пронајдеме. Двајцата беа секогаш облечени во иста облека, косата им беше исто начешлана, патиките на ист начин подврзани. Толку беа идентични што дури и нивните родители честопати не знаеја со кого точно разговараат.

Но, овојпат, кога сосема случајно ги сретнав после толку многу години, успеав да ја воочам првата разлика во нивниот изглед. Иако повторно носеа исти патики, исти фармерки, исти маици, иста фризура и исти брчки на лицето, сепак не беше возможно да не се забележи бројноста на тетоважите по телото кај едниот од нив.

– Каков контраст, каков пресврт! – им довикнав.

Се насмевнаа и веднаш како навиени почнаа да ми ја раскажуваат нивната приказна.

– А бе, знаеш, најпрво брат ми стави една мала тетоважа, а јас тогаш не бев подготвен за такво нешто – ми вели близнакот чии раце сега се целосно исцртани.

– И јас останав само на таа тетоважа, а брат ми подоцна го истетовира целото тело – се вклучи и другиот близнак.

На крајот ми признаа дека првичното носење одлука за ставање тетоважа премногу ги вознемирило нивните родители кои биле жестоки противници на таквиот вид уметност. Ми раскажаа дека родителите долго време не разговарале со „одметникот“, па дури и се заканувале дека ќе се откажат од синот во весник.

– Ако било така за брат ти, тогаш можам да замислам низ каков пекол сега ти минуваш – му се обратив на близнакот со милион тетоважи на себеси.

– Ех, со мене е друго. Едноставно, се прилагодија. Благодарение на единствената тетоважичка на брат ми, сега на родителите воопшто не им пречат моите многубројни и реалистични цртежи. Напротив, им се допаѓаат – заврши тој.

Се поздравив со двајцата и се разделивме, но ако ми верувате, долго време од главата не можев да ја извадам суштината од тој разговор.

Освен што е благослов, си велев во себеси, родителството претставува и еден чуден феномен на жртвување и на прилагодување. Значи, ако нешто не минува кај едното дете поради тоа што е сосема неприфатливо за родителите, тогаш огромни се шансите во истата таа работа подоцна да ужива другото дете, кое, впрочем, ќе добие искрена поддршка од таткото и од мајката.

Исто како и во политиката, си зборував сам со себе. Ни се ближат избори, а мајка Македонија очигледно сѐ уште се нема помирено со промената на своето име преку потпишувањето на Преспанскиот договор. Како што говореа и самите резултати од Референдумот, мајка Македонија се има премногу разочарано од едниот свој син, па да може, уште веднаш би се откажала од него во весник.

Но, дали тоа значи дека нејзините ставови ќе омекнат ако на сцената во април настапи другото чедо, кое, пак, уште веднаш ќе започне да ѝ се обраќа по нејзиното ново и досега неприфатливо име? Од кај знаеш, можеби тогаш ќе ѝ се допаѓа децата да ја викаат онака како што досега мразела?!

Ќе завршам со една порака што одамна ни ја има испратено славниот Окакура Какузо: „Уметноста на животот лежи во константното прилагодување на околината“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...