ПРЕДИЗБОРНИ КОЛУМНИ Река: Потребен ни е државен патриотизам, а не етнички национализам

Републиката не познава дозирана демократија за „статистички нации“, на кои потоа им се доделуваат процентуални права. Ниту нацијата е статистичка, ниту правата се процентуална категорија. Во републиканскиот поредок нема „давање на права“, затоа што тие ги здобиваме со раѓањето во оваа држава, а не како дискреционен подарок од власта: кому, кога, и колку права може да му се дадат.

226

Републиката е во центарот на програмата на мојата претседателска кандидатура. Македонија е држава, но не и Република. Вистинската Република ја прават: владеењето на правото, функционалната демократија, независното судство и почитувањето на човековите права. Владеењето на поединецот, пак, ја приватизира државата. Цели 11 години имавме заробена и приватна држава. Верувавме дека државата ќе се ослободи и ќе се деперсоналириза, но тоа сѐ уште не се случи. Судството ни е сѐ уште политички зависно, Специјалното обвинителство неизвесно, јавната администрација непотизирана, криминалците амнестирани, а обвинетите пратеници – имунизирани. Затоа враќањето на републиканскиот поредок и де-персонализација на државата се цели на мојот претседателски мандат.

Државата не е приватна сопственост, туку наследство на сите нејзини равноправни граѓани. Северна Македонија, како мултиетничко општество, треба да биде и мултиетничка република. Заедничката република не може да функционира со дозирани индивидуални и колективни права. Републиката не познава дозирана демократија за „статистички нации“, на кои потоа им се доделуваат процентуални права. Ниту нацијата е статистичка, ниту правата се процентуална категорија. Во републиканскиот поредок нема „давање на права“, затоа што тие ги здобиваме со раѓањето во оваа држава, а не како дискреционен подарок од власта: кому, кога, и колку права може да му се дадат.

Оваа моја цел за вистинска република, ќе ја елаборирам преку моите приоритети: од стабилизирање на меѓуетничките односи (на внатрешен план); до евро-атлантската надворешна политика и добрососедската коегзистенција (на надворешен и регионален план); а сите како предуслови за враќање на перспективата, за Македонија да не заврши во празна држава.

Да го затвориме етничкото досие

Без правна држава, ќе станеме празна држава. Моите први приоритети се во функција на последниот: како да го спречиме иселувањето на народот. Во спротивно, ако не успееме, тогаш во ЕУ пред државата ќе се „интегрираат“ нашите иселени граѓани, додека Република Северна Македонија можеби и ќе биде во ЕУ, но како празна држава.

Mојот прв приоритет ќе биде довршување на концептот на мултиетничка република, којшто досега постоеше само во содржина (мулти-етничко опшстество), но не и како форма (мулти-етничка држава). Оваа демографска содржина треба да се институционализира во форма на мултиетничка Република. За скоро две декади од имплементацијата на Охридскиот рамковен договор, сѐ уште не се комплетираше овој мултиетнички државен концепт. Време е Македонија, од постконфликтната фаза да премине во прединтеграциона фаза. За да ги почнеме преговорите за членство во ЕУ, треба да го имаме затворено етничкото досие, за да бидеме стабилна држава преговарач.

Официјализирањето на албанскиот јазик останува последното отворено интеретничко прашање. Трите закони за јазиците (2008, 2011 и 2018) не го решија проблемот, затоа што погрешно го озаконија концептот на т.н. „статистичка нација“ од 20 отсто. Овој компромис можеби беше издржлив во 2001 година, но не и во 2019 година. Можеше да биде како пост-конфликтно решение тогаш, но секако не сега, кога очекуваме почеток на преговори со ЕУ. Македонија како идна земја членка на ЕУ, треба да се надмине над националните предрасуди и прифаќајќи ја демографската реалност, истата треба да ја конституционализира.

Затоа мојот концепт не е општество за сите, туку држава за сите. Ако сме дел од тоа општество за сите, тогаш треба да сме дел и од државата која е на сите, вклучувајќи ги и службениот јазик, како и највисоките државни функции. Наместо промена на Уставот, прво треба да се промени менталитетот на доминантни и доминирани нации.

Државата не може да се третира како приватна сопственост. На Македонија ѝ е потребен државен патриотизам, а не етнички национализам. Но, сега земјата има државотворен дефицит, а националистички суфицит.

Републиката може да биде стабилна од внатре, само ако се задоволни сите кои што живеат во неа. Вистинскиот македонскиот патриот е тој што ја сака својата држава и кој што во Албанците не гледа субверзивни елементи. Со промена на менталитетот, може да се промени Уставот, а со тоа и системот на владеење.

Почеток на преговори со ЕУ до крајот на годината

Првиот внатрешен приоритет за стабилна мултиетничка република, се надoврзува со вториот: надворешниот и безбедносен, а тоа е Република Северна Македонија, 30-та членка на НАТО. Како што се докажа, за едно такво стратешко прашање како НАТО, не ќе стигневме, ако немавме меѓуетнички консензус. Иако со години за Албанците се градеше негативен наратив, дека тие се „против државата“ и дека сакаат да ѝ ги „прекројат нејзините граници“ и слично, нивното гласање на референдумот, како и гласовите на албанските пратеници за уставните промени, го докажаа спротивното.

Мојот нареден надворешен приоритет е почеток на преговори со ЕУ до крајот на оваа година. Во 2006 година, пред моето поаѓање во Брисел како амбасадор, на прашањата на новинарите „дали Македонија ќе се зачлени во ЕУ во вашиот амбасадорски мандат“, одговорив дека би бил среќен ако Македонија ги започне преговорите. И после 12 години – сега како претседателски кандидат – сѐ уште разгoвараме за истиот приоритет. За разлика од НАТО, кој е геополитички процес, почетокот на преговорите со ЕУ, е и технички, па нема да биде толку лесно реализиран без испорачување на бараните реформи во познатите четири области.

Токму во овие области ние како да ретерираме. Од заробена држава за 11 години под поранешната влада, и приватна држава за 10 години од претседателствувањето, верувавме дека државата ќе се ослободи и ќе се деперсоналириза. Но, тоа сѐ уште не се случи: судството сѐ уште ни е политички зависно, Специјалното обвинителство е неизвесно, јавната администрација непотизирана, криминалците амнестирани, обвинетите пратеници имунизирани, а безбедоносниот сектор сѐ уште нереформиран.

Ни личните, ни партиските интереси не смеат да го држат во заложништво членството на земјата во ЕУ. Најмалку високата корпуција, која од локален проблем може да прерасне во безбедносен ризик, преку чии валкани пари, актери вон евро-атлантската заедница, можат да го прелеет нивното стратешко влијание.

Или правна или – празна држава

Доста беа 11 изгубени години во евроинтеграцијата. Македонија треба да му докаже на Брисел дека е Република, а не приватна држава на поединци или одредени кланови, коишто ја жртвуваат иднината на граѓаните, заради избегнување од нивната лична кривична одговорност. Законот е над сите. Само така ќе ја биде Републиката.

Членството во НАТО и ЕУ овие организации е доброволно а не принудно. Самите одлучуваме дали ќе сме нивна членка. Но, треба да знаеме дека вон нив сме изолиран остров. ЕУ дава вредности, а НАТО безбедност, така што со нашето зачленување, на земјата ќе ѝ се врати перспективата. Само со нашето членство во овие две евро-атлантски организации, земјата станува стабилна, сигурна и компатибилна на нивните стандарди, а со тоа и атрактивна за странските инвестиции. Со странскиот капитал, доаѓаат и новите работни места и спречување на масовниот одлив на граѓаните.

Досега, таа не-перспектива влијаеше за иселување на една четвртина од населението. Граѓаните ни се иселуваат не само поради невработеноста, туку и по заморот од институционалната корупција, непотизмот, но и мега-загаденоста. Со мојот пристап „go green“, ќе се залагам за политики кои ќе водат кон еколошка држава. Како претседател, којшто има уставни ингеренции и на полето на безбедноста, а загаденоста сѐ повеќе станува и безбедоносен глобален ризик, здравата животна средина ќе биде дел од мојата преокупација, за враќање на перспективата во земјата. Ако не успееме, предвидувањата велат дека се можни уште 23 отсто иселени, во наредните две декади, со што Македонија може да остане без половината од своето население.

Ако сега не ја вратиме Републиката, а со тоа и довербата на граѓаните кон државата, ние ќе се зачлениме како празна држава. Нашите граѓани до тогаш веќе ќе бидат „интегрирани“ во ЕУ. Затоа сум за евро-атлантска република, како интегрирана држава со своето население. Ако не успееме да изградиме Република со правна држава, ќе завршиме како празна држава.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...