ПРЕДИЗБОРНИ КОЛУМНИ Пендаровски: Ќе бидам претседател што ќе води, ќе критикува, но пред сѐ ќе сплотува

Ве повикувам на 21 април да гласаме и самите да одлучуваме за нашата иднина. Да не дозволиме други да одлучуваат за нашата судбина. Да не дозволиме да нѐ вратат назад, да нѐ делат и да сеат омраза. На 21 април со својот глас да ги спречиме да ја запрат правдата за тепачите во Собранието, правдата за оние што ги украдоа нашите пари, за оние што затвораа слободни медиуми, им се одмаздуваа на неистомислениците и ги заплашуваа граѓаните. Да не им дозволиме да го повторат злосторството!

335

На последниот ден од интензивната, но исклучително инспиративна и мотивирачка кампања пред првиот круг на изборите за Претседател на Република Северна Македонија, време е да се сумираат впечатоците од многубројните средби и разговори со голем број граѓани на нашата татковина.

Тоа што најмногу ме радува е што по секоја средба и разговор сум убеден дека мнозинството граѓани веруваат дека нашата држава секојдневно се менува на подобро и дека голем дел од реформите веќе ги даваат првите позитивни резултати. Јас, како и голем број граѓани, свесен сум за тешкотиите при донесувањето и, особено, при спроведувањето на реформските политики. Понекогаш не сум целосно задоволен од брзината на спроведувањето на определени реформи. Но, сигурен сум дека не постои друга алтернатива освен темелните реформи што нѐ доведоа до членството во НАТО и што успешно ќе нѐ водат на нашиот пат кон членството во Европската Унија.

Реформи со директен ефект

Ниту реформите, ниту членството во НАТО и ЕУ, ниту решавањето на сите поранешни отворени прашања и проблеми преку договорите со нашите соседи Бугарија и Грција, не беа, ниту ќе бидат цели сами за себе. Клучните придобивки од овие процеси не се „високи“ политики што за граѓаните немаат директен ефект. Напротив! Клучните придобивки веќе сега директно ги чувствуваат граѓаните. Тие се интензивирањето на економскиот развој, новите директни странски инвестиции од повеќе од 600 милиони евра, што е најдобар резултат споредено со сите претходни години и влади и отворањето на нови добро платени работни места. Но, благодарение на процесот на зачленување во Европската Унија, добиваме и фондови за нова инфраструктура, за поддршка на земјоделците и руралниот развој и поддршка на технолошкиот развој, иновациите и науката. Конечно, но, веројатно, и најважно, реформите во сферата на правниот систем и правосудството, со цел повторно да ја воспоставиме правната држава и да овозможиме правда за сите граѓани, најдобро се остваруваат со поддршка на нашите сојузници и пријатели.

За целосно заокружување на овие процеси и обезбедување на напредокот, потребна ни е конструктивна соработка на сите институции и гранки на власта, а не постојана деструкција преку поставување нови пречки на сопствената држава. За остварување на таа цел, потребен ни е претседател на државата! Претседател што ќе биде лицето на татковината дома и во странство. Претседател што ќе обединува, а не разединува. Претседател што ќе води, ќе насочува, ќе критикува, ќе сплотува, а нема да шири омраза и нетрпение, нема да создава раздор и неединство. Конечно, потребен ни е претседател со свој став и личен интегритет, а не слуга на дневнополитичките интереси на која било партија.

За жал, сега, немаме таков претседател. Можевме да добиеме поинаков претседател во 2014 година, но ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, повторно ни го наметнаа партискиот послушник Ѓорге Иванов, човекот што повеќе се грижи за интересите и безбедноста на криминалната дружина отколку за правдата и за напредокот на татковината. Во 2014 година ВМРО-ДПМНЕ и Груевски не ни ја украдоа само победата на изборите, тие сакаа да ни ја украдат и иднината.

Ова е нашата голема шанса

Како кандидат за Претседател на Република Северна Македонија, но, пред сѐ, како човек, како професионалец во мојата струка и како политичар, јас сум целосно спротивен од светот на Иванов и Груевски и нивниот наследник Мицкоски, заедно со неговата кандидатка за претседател Гордана Силјановска-Давкова. Мојата визија за нашата држава е за напредно и солидарно општество, држава на слободни граѓани што се рамноправни граѓани на заедницата на високоразвиени и прогресивни држави, членки на ЕУ и НАТО.

Нашите политички противници се залагаат за поинаков пат за нашата држава. Иако, декларативно, од време на време изразуваат поддршка за стратешките приоритети на татковината, тие правеа и продолжуваат да прават сѐ за да го отежнат нашиот пат и да постават што е можно поголем број нови пречки. Однесувањето на Иванов и блокирањето на важните реформски закони, кои беа донесени со целосен консензус во Собранието, но и деструктивното однесување на Мицкоски во однос на работата на Специјалното јавно обвинителство, со цел да се избегне правдата и да се заштитат криминалците од поранешниот режим, не се изолирани и очајнички политички одлуки. Нивната вистинска цел е да се запре нашиот напредок кон НАТО и ЕУ, а преку тоа директно се наштетува на напредокот и развојот на државата.

Пред нас, в недела, на 21 април, е голема шанса. За разлика од 2014 година, на 21 април ќе можеме слободно да избереме претседател на државата на слободни, фер и чесни избори. Разликите меѓу кандидатите се јасни, па затоа сметам дека одлуката нема да биде тешка.

Основата на мојата политичка програма е политиката на обединување на поделеното општество и враќање на дигнитетот на функцијата Претседател на Република Северна Македонија. Како претседател на државата, се обврзувам дека безрезервно ќе ги почитувам и спроведувам Уставот и законите на Република Северна Македонија. Ќе поттикнувам и ќе  предлагам решенија за нашите проблеми што ќе ги надминуваат партиските поделби. Целосно ќе бидам посветен на интеграцијата на нашата држава во Европската Унија и довршување на процесите што ни преостануваат пред нашето скорешно членство во НАТО. Ќе ја поддржувам работата на парламентот и на Владата секогаш кога нивните одлуки се во интерес на граѓаните, но и ќе ја критикувам нивната работа и ќе ги користам сите уставни и законски овластувања кога ќе сметам дека тие одлуки се противуставни или противзаконити или не придонесуваат во остварувањето на нашите стратешки определби и заштита на нашите национални интереси.

Како претседател достоинствено ќе ја претставувам државата во странство, а моето внимание ќе биде фокусирано врз политиката за нови директни странски инвестиции, кои ќе донесат нови добро платени работни места. Притоа, особено, ќе се посветам на зацврстувањето на врските со нашите соседи и поддршка на политиката на другите институции којашто е во насока на интензивирање на економските, но и културните врски со нашите соседи, како и кон водењето континуиран дијалог со нашата дијаспора преку поттикнување на нивното инвестирање во татковината, а особено повторното враќање на младите и образувани кадри што беа принудени да ја напуштат татковината во изминатите години.

На 21 април ќе ја обезбедиме нашата иднина

Мојата одлука да се кандидирам за претседател ја донесов бидејќи чувствувам одговорност за нашата заедничка држава, одговорност за нашата иднина и иднината на нашите најмили. Мојата одлука е резултат на мојата претходна работа и моето искуство. Таа не е одлука на некој што последен пат понел политичка одговорност во некоја друга влада во деведесеттите години од минатиот век, а потоа или премолчувал или некритички поддржувал деструктивни политики.

Исто како и денес, така и во најмрачните години од владеењето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ и Груевски, мојот став беше решителен и мојата одлука да преземам одговорност беше непоколеблива. И тогаш, како и денес, верувам дека можам да бидам претседател на сите граѓани. Претседател на Македонците, Албанците, Турците, Србите, Ромите, Бошњаците Власите и сите други без разлика на етничкото или верското потекло. Претседател и на младите и на нашите сениори, претседател и на луѓето што живеат во селата и на оние во градовите, претседател и на бизнисмените и на работниците.

Верувам дека само таквата политика ќе донесе нови можности за младите еднакви со можностите на нивните врсници од државите во ЕУ, ќе донесе нов развој, нови инвестиции и нови добро платени работни места. Верувам дека само со таквата политика ќе ја поддржиме правдата и ќе има одговорност за оние што ги украдоа нашите пари и се обидоа да ни ја украдат иднината.

Ве повикувам на 21 април да гласаме и самите да одлучуваме за нашата иднина. Да не дозволиме други да одлучуваат за нашата судбина. Да не дозволиме да нѐ вратат назад, да нѐ делат и да сеат омраза. На 21 април со својот глас да ги спречиме да ја запрат правдата за тепачите во Собранието, правдата за оние што ги украдоа нашите пари, за оние што затвораа слободни медиуми, им се одмаздуваа на неистомислениците и ги заплашуваа граѓаните. Да не им дозволиме да го повторат злосторството!

На 21 април ќе ја обезбедиме нашата иднина! На 21 април со нашите гласови ќе се обединиме за напредокот на нашата татковина!

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...