На покана на Хариман Институтот, министерот Едмонд Адеми одржа предавање на Универзитетот Колумбија во Њујорк на тема „Западен Балкан, Македонија и интеграциските процеси – има ли улога за дијаспората? ”.
На почетокот од предавањето, министерот Адеми се осврна на значењето на земјите од Западен Балкан, како и важноста на нивната стратешка определба кон евроатлантските интеграции. Во тој контекст, министерот ја потенцираше и стратешката определба на земјава за влез во НАТО, истакнувајќи го фактот дека истата датира од 1993 година, кога Собранието ја усвои Резолуцијата за влез на Република Македонија во НАТО. Дополнително на тоа, ги потенцираше и конкретните чекори кои земјава ги има превземено од 1993-та година до денес, а кои укажуваат на искрените намери на државата кон евроатлантските интеграции. Министерот Адеми недвосмислено порача дека Владата искрено верува дека наскоро ќе започне процесот на преговори за влез во Европската Унија и дека Република Македонија ќе стане 30-та членка на НАТО.
Министерот Адеми се осврна и на искрените намери на Владата за воспоставување на соработка со дијаспората на институционално ниво. Во контекст на тоа, истакна дека за првпат во Република Македонија се работи на Национална стратегија за соработка со дијаспората. Истата се базира на четири клучни столбови и има за цел да воспостави една рамка преку која ќе се решаваат клучните проблеми на дијаспората и која ќе овозможи воспоставување и продлабочување на соработката помеѓу државата и дијаспората.
На крај, министерот Адеми се заблагодари за поканата да одржи предавање на еден од најреномираните светски универзитети и истакна дека Владата и понатаму засилено ќе продолжи со активности кои забрзано ќе донесат полноправно членство на земјава во ЕУ и НАТО.