Преговорите со Македонија и Албанија приоритет на Еврокомисијата

Европската комисија ветува дека ќе „продолжи да притиска за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија“, а паралелно ќе се посвети на подобрување на процесот на зачленување во ЕУ, преку нова методологија и засилена инвестициска рамка

70

Европската комисија денеска ја усвои својата работна програма за 2020 година, во која меѓу приоритетите се наведени и започнувањето на преговорите за членство со Македонија и Албанија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, работната програма на Европската комисија опфаќа конкретни чекори кои извршното тело на ЕУ ќе ги преземе во текот на годината за да ги оствари политичките заложби формулирани на почетокот на мандатот. Тоа се еколошката транзиција, дигиталното општество, поголема одржливост на економијата, како и посилна улога на Европската Унија на глобалната сцена.

Токму во овој дел се наоѓа и проширувањето и поспецифично старт на преговорите со  Македонија и Албанија во 2020 година.

– Европската Унија е посветена да го продлабочи партнерството со Западниот Балкан, регионот со кој дели многу. Кредибилна пристапна перспектива за регионот е од огромно стратешко значење за Европската Унија и за самиот регион, ова ќе биде потврдено во придонесот на Комисијата на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Загреб во мај 2020, стои во работната програма на Еврокомисијата за годинава.

Европската комисија ветува дека ќе „продолжи да притиска за отворање на пристапните преговори со Македонија и Албанија“, а паралелно ќе се посвети на подобрување на процесот на зачленување во ЕУ, преку нова методологија и засилена инвестициска рамка.

Западниот Балкан и Африка се главните приоритети на оваа Европска комисија во делот на надворешната политика и улогата на ЕУ во светот. ЕУ ќе „продолжи да се бори“ за „поредок заснован на правила“ и сите иницијативи на работната програма ќе имаат силна надворешна димензија за да се зајакне геополитичката улога на Европската комисија.

– Оваа Комисија е посветена да се справи со генерациските предизвици како климатските промени, дигитализацијата и миграцијата, посветени сме да испорачаме за Европскиот зелен пакт и да ги подобриме шансите на европските граѓани и бизниси во дигиталната трансформација, оваа работна програма ќе помогне да се изгради Унија, која се стреми кон повеќе – соопшти претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен.

Работната програма за 2020 првпат содржи и долгорочни перспективи за да се обезбеди улогата на ЕУ на глобалната сцена на траен начин, порача еврокомесарот задолжен за интеринституционални прашања, Марош Шефчович.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...