Бројот на нови случаи на рак на кожата е во пораст и во светски рамки, но и во Македонија. Раното откривање е пресудно во лекувањето, а во земјава најчесто се открива кога е во поодмината фаза. Затоа секој што ќе се посомнева на некаква необична промена на кожата треба да направи превентивни прегледи. Во наредните три дена во сите дерматолошки установи тоа можат да го направат бесплатно.
Ова се дел од пораките на учесниците на денешната трибина на тема „Предизвиците во третманот на најчестиот карцином – ракот на кожата“, која се одржа денеска на Медицинскиот факултет во Скопје, во организација на Министерството за здравство и Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија и Клиниката за онкологија.
Нина Цаца Билјановска, раководител на Универзитетска клиника за кожни болести, истакна дека во светски рамки се регистрираат нови 3,5 милиони случаи и оти ова е еден од најчестите карциноми. Таа посочи дека раното откривање е најважно за што поуспешно лекување.
– Во рамки на превентивната кампања во сите дерматолошки институции во Македонија ќе се вршат бесплатни дерматоскопски прегледи со цел рано откривање на ракот на кожата со што би се постигнал поголем успех во терапијата и лекувањето – рече таа.
Доктор Небојша Пешиќ од Онколошката амбуланта при Клиниката за кожни болести истакна дека нема точни бројки за случаите во Македонија, но рече во светски рамки инциденцата е 20 случаи на 100.000 жители, а во Македонија отприлика три до пет случаи на 100.000 жители.
Во Македонија, според него, повеќе случаи со рак на кожа се бележат кај лицата над 50-годишна возраст. Има и многу млади случаи со дијагностициран карцином на 18, 19-годишна возраст, но прогнозата кај возрасните е подобра отколку кај младите.
– Доколку тој карцином рано се открие кај тенките меланоми со дебелина од 1 мм од 10 пациенти девет се излекуваат. Ако се доцни со дијагноза, прогнозата драстично опаѓа – рече Пешиќ.
Причините што доведуваат до рак на кожата може да бидат повеќе – од генетски фактори, фамилијарни предиспозиции, изложеноста на УВ зрачење, број на бемки, неконтролирана употреба на солариум, но и возраст.
Министерот за здравство Венко Филипче рече дека се работи на проширување на листата на лекови на товар на Фондот со лекови за карциноми во кои спаѓаат и кожните. Тој најави дека до есен ќе се знае како ќе се прошири и со кои лекови.
Според Филипче, онколошките лекови кои се набавуваат во моментов преку одредени клиники во иднина ќе се набавуаат преку Министерството за здравство, со истите средства што претходно биле распределувани на клиниките. На ваков начин, рече министерот, се прави подобро планирање, но и може да се обезбедат пониски цени при набавка на лековите.
Директорката на Универзитетската Клиника за пластична и реконструктивна хирургија Софија Пејкова вели дека пациентите што се во низок стадиум на болест се лекуваат само со хируршка интервенција и тие во 95 отсто од случаите преживуваат над пет години. Точна бројка, рече, не може да каже затоа што располага со бројки од Клиниката со која раководи. Најмладиот пациент што бил опериран е дете на 13 години.
Според неа, фамилијарна предиспозиција, типот на кожата, експозицијата на УВ зраците и некои други фактори се причините поради кои ова заболување се јавува многу рано.
Нино Васев, директор на Клиниката за онкологија, вели дека проблем се подоцнежните стадиуми на болеста, кога се потребни поскапи лекови за третман на болеста.
– Двата лека моментално се достапни за лекување преку условен буџет што го даде ФЗО, бидејќи овие лекови не се на Позитивната листа на лекови. Бројот на пациенти варира, но сега со буџетот што го имаме, може да очекуваме да се обезбеди терапијата – рече тој.
Мај е месец за подигнување на јавната свест за заштита од ракот на кожа и во тие рамки е одржана и денешната трибина.
Фото: МИА