Превенција од злоупотреба на власта како препорака на бизнис-заедницата за врвен приоритет во државата

Истрагите за корупција во јавните набавки и концесии стануваат сѐ почести. Потребно е да се зајакнат овластувањата и ресурсите на полицијата, Јавното обвинителство, судовите и Агенцијата за управување со конфискуван имот за да се овозможи запленување и конфискување средства стекнати преку криминал, вклучително и во раните фази на кривичните истраги. Ова треба да го потврди позитивниот тренд на донесување привремени мерки за замрзнување на банкарските сметки и имотот.

233

Согласно анализата на Стопанската комора на Македонија во врска со исполнетоста на условите за владеење на правото согласно индикаторот превенција од злоупотреба на власта, постои висок степен на регулираност и усогласеност на правната рамка која е основа за намалување на злоупотребата на службената положба и овластувања и спречување на коруптивните поведенија на администрацијата, но и т.н. висока корупција, бидејќи ги има ратификувано сите меѓународни антикорупциски конвенции, вклучувајќи ја и Конвенцијата на Обединетите нации против корупцијата.

Согласно одредбите од Кривичниот законик се казнуваат кривични дела со широк опсег кои се поврзани со корупција. Во 2018 година, направени се и подобрувања на регулативата во делот на спречување на корупцијата со донесување на новиот Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Новиот Закон ги зголеми овластувањата на Државната комисија за спречување на корупцијата. Со него се појаснува и се зајакнува збирот на клучни правила со кои се уредуваат нееднаквостите меѓу одредени јавни функции или ограничувањата за водење деловна активност додека вршат јавни функции. Законот, исто така, предвидува санкции против институции кои не обезбедуваат информации. Тоа го олеснува собирањето информации преку утврдување единствен образец за изјавата на имотна состојба и изјавата на интерес во согласност со препораките на ГРЕКО. Обрасците се доставуваат електронски во базата на податоци за да се олесни контролата и верификацијата. Новата Државна комисија за спречување на корупцијата беше именувана во февруари 2019 година. Во согласност со новиот Закон, критериумите за избор на членовите се построги и бараат зголемено искуство и докажана евиденција во борбата против корупцијата.

Со Законот за финансирање на политичките партии се предвидува начинот и постапката за обезбедување финансиски средства и нивно управување од политичките партии. Измените на Законот за финансирање на политичките партии од државниот буџет го зголемија процентот на расположливи средства од 0,06% на 0,15%, за да се зголеми финансиската независност на политичките партии. Паралелно, максималниот износ на донации од правни и физички лица е намален. Новите овластувања на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе ѝ овозможат да врши инспекции во секое време, овозможувајќи го постојаното следење на партиското финансирање. Беа донесени измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Овие измени го вклучуваат правото да се бараат информации за јавните финансии на политичките партии.

Државниот план за превенција и репресија на корупцијата и намалување на појавата на судирот на интереси со повеќегодишен акциски план (2016-2019) е значаен стратешки документ. Приоритетите се да се зајакне институционалната и правната рамка и да се осигурат ефективни санкции против корупцијата и злоупотребата на службените овластувања.

Но, сепак, согласно нашите анализи, исполнетоста на условите за владеење на правото согласно индикаторот превенција од злоупотреба на власта е 66%. На што се должи тоа? Ако погледнеме малку подлабоко, во имплементацијата на прописите во практиката, а и од релевантните меѓународни извештаи (Извештајот на Европската унија за напредокот на земјава) и направените анализи, можеме да видиме дека соработката помеѓу двете водечки институции во оваа област – Државната комисија за спречување на корупцијата и Државното обвинителство, не е на соодветно високо ниво какво што се очекува, што резултира со мал број гонења на јавните службеници и покрај перцепцијата на граѓаните за широко распространета корупција и злоупотреба на службената должност.

Факт е дека поголем дел од покренатите кривични постапки за тешки кривични дела, кои своевремено ги поведе Специјалното јавно обвинителство, се однесуваат на злоупотреба на функцијата, злоупотреба на положбата, фалсификување документи, проневера и големи измами. Државната комисија за спречување на корупцијата, исто така има отворено предмети за наводна злоупотреба на овластување и корупција насочени кон некои членови на правосудството. Дополнително, неодамна објавените информации околу случајот „Рекет“, укажуваат на постоење големи злоупотреби на службената положба и во редовите на правосудните институции, но сето тоа е во тек, па почитувајќи го принципот на пресумпција на невиност, ред е да се види крајниот исход од оваа и сите други слични постапки кои се водат пред надлежните судови, а се поврзани со преголемите дискрециони овластувања, злоупотреба на службената положба и овластување и висока корупција.

Во овој момент, после актуелните случувања, дури може да се констатира дека Извештајот на Европската комисија за земјава е попозитивен од очекувањата, поради тоа што во него се констатира дека Република Северна Македонија постигна одреден степен на подготвеност во борбата против корупцијата и дека има напредок во консолидирање на својата евиденција во истражувањето, гонењето и обидот на решавање предмети на корупција на високо ниво, како и преку промени во законодавството. Органите треба дополнително да ги интензивираат напорите да покажат дека борбата против корупцијата е национален приоритет на сите нивоа на овластувања.

Истрагите за корупција во јавните набавки и концесии стануваат сѐ почести. Потребно е да се зајакнат овластувањата и ресурсите на полицијата, Јавното обвинителство, судовите и Агенцијата за управување со конфискуван имот за да се овозможи запленување и конфискување средства стекнати преку криминал, вклучително и во раните фази на кривичните истраги. Ова треба да го потврди позитивниот тренд на донесување привремени мерки за замрзнување на банкарските сметки и имотот.

Особено значајно прашање е и практичното неизвршување на правосилни и извршни судски пресуди, поради постоење на определени фактички или правни пречки, меѓу кои и прешироките дискрециони овластувања, што уште повеќе го доведува во прашање владеењето на правото, од аспект на индикаторот превенција од злоупотреба на власта, кој се поткопува на овој начин.

Она што е особено важно во овој момент е токму да се работи на спречување и борба против корупцијата и да се охрабри, од највисоко политичко ниво, проактивен став на сите учесници вклучени во оваа област.

И домашните и странските инвеститори укажуваат на потребата од унапредување на стабилноста и интегритетот на институциите на системот, како основа за зајакнување на довербата во нив, од една страна, и спречување на злоупотребите на службените овластувања, од друга страна. Во таа насока е и препораката на Советот на странските инвеститори, содржана во последното издание на „Белата книга“, каде во поглавјето 4 кое се однесува на деловната клима, се наведува дека е неопходно потребно дополнително да се зацврстат инструментите за борба против измама и неформалната економија, како и намалувањето на затајувањето на данок, а да се обезбеди поголема конкурентност на пазарот на сите нивоа. На средбата на Советот на странските инвеститори со претседателот на државата, Стево Пендаровски, тие уште еднаш потврдија дека владеењето на правото останува клучен предуслов за напредок во сите области, вклучувајќи и одржувајќи атрактивна деловна и инвестициска клима. И домашните и странските компании остануваат на заложбата за професионална администрација, ослободена од политички и други влијанија, која треба да биде вистински сервис на стопанството и сериозен партнер на бизнисот, со што би се постигнала заедничката цел и на државата и на бизнисот за динамичен економски развој и превенција на злоупотребите на службената положба и овластувања.

(Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...