Скопје од 8 до 12 октомври во СЦ „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на ИТТФ Светската јуниорска и кадетска серија од челенџ турнири во пинг понг.
По одржувањето на Балканското првенство во Скопје во јуни годинава, со рекорден број држави учесници – 12, пингпонгарската федерација на РСМ се подготвува за организацијата на првиот турнир под покровителство на ИИТФ, отвореното првенство за јуниори и кадети.
Над 100 учесници и 50 официјални лица од повеќе од 20 земји од светот (Шведска, Индија, Норвешка, Шпанија, Италија, Словачка, Чешка, Хрватска, Перу, Србија, Бугарија итн) се очекува да пристигнат во Скопје и да се борат за титулите на овој турнир како и за паричниот и непаричниот фонд на награди (4000 долари и 4 врвни телефонски апарати), обезбедени од организаторите и спонзорите на турнирот.
Доаѓањето на високи официјални лица од Светската и Европската пинг понг федерација во време на турнирот, претседателот Томас Вајкарт (ИТТФ) и Претседателот Роналд Крамер (ЕТТУ) како останати официјални лица и професионалци треба да обезбеди дополнителен мотив за развојот на пинг понгот во државата.
Од нашата земја ќе учествуваат вкупно 21 млади пинг понгари, а додека траат подготовките за овој турнир, нашите млади репрезентативци се присутни на неколку турнири од оваа светска серија кои се организираат во Словенија, Хрватска и Србија.