Кинески турист, кој од провинцијата Хубеи пристигнал во Париз, почина откако неколку дена беше во критична состојба.
– Кинескиот турист пристигна во Франција од провинцијата Хубеи во Париз на 16 јануари. Тој беше хоспитализиран и изолиран до 25 јануари. Неговата состојба забрзано се влоши и неколку дена беше во критична состојба, поради што беше префрлен на интензивна нега – изјави француската министерка за здравство Агнес Бузин.
Таа додаде дека неговата ќерка, која исто така е заразена со новиот коронавирус и е во истата болница, повеќе не е во животна опасност.
Досега во Кина од новиот коронавирус починаа 1.523 лица, а инфицирани се 66.492 луѓе.
Од декември досега болеста се прошири во повеќе од 20 земји, а Египет вчера пријави прв регистриран случај во Африка. Во 24 држави регистрирани се речиси 450 заболени лица од новиот коронавирус, од кои тројца починаа.
Во Кина се воведени драстични мерки за запирање на епидемијата. Градови во провинцијата Хубеи, со повеќе од 60 милиони жители, ставени се во карантин.
Во меѓувреме, на сите граѓани кои се враќаат во Пекинг од празниците им е наложено да бидат во карантин – или во сопствениот дом или да се подложат на 14-дневно колективно набљудување.
– Тие кои ќе одбијат да останат во своите домови или не сакаат централизирана опсервација и други превентивни мерки и контрола ќе бидат санкционирани, се наведува во соопштението на работната група за превенција од вируси во Пекинг.