Прво ќе дојде Ципрас, потоа ќе појде Заев

159

По ратификацијата на Преспанскиот договор и започнување на процесот на негова имплементација помеѓу нашата земја и Грција се интензивираат дипломатските активности и зачестуваат средбите на политичко ниво.

Во работна посета на земјава денеска ќе престојува алтернативната министерка за надворешни работи на Грција, Сиа Анагностопулу. Како што соопштија од грчкото МНР, целта на посетата е дополнително зајакнување на односите меѓу двете земји по потпишувањето на Договорот од Преспа. Анагностопулу во Скопје ќе има средби со премиерот Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Никола Димитров и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.

Во грчката делегација ќе бидат и пратениците Теодора Ѕакри и Јоанис Сифакис, како и Генералниот секретар за европски прашања и други службеници од Министерството за надворешни работи на Грција.

Веќе во понеделник, во Брисел, шефот на грчката дипломатија Јоргос Катругалос заедно со Теодор Мелескану, министерот за надворешни работи на Романија, земјата претседавач на ЕУ, организираат појадок на пријателите на Северна Македонија, на кој ќе учествува и шефот на македонската дипломатија Димитров, јави дописничката од Атина.

Како што брифираат грчки дипломатски извори за МИА, поканите до шефовите на дипломатиите на земјите членки на ЕУ се од министрите за надворешни работи на Грција и Романија, а појадокот на пријателите на Северна Македонија ќе се одржи пред Советот за надворешни работи на ЕУ во Брисел.

За почетокот на следниот месец се најавува и првата официјална посета на грчки премиер на Скопје. Според пишувањата на дел од грчките информативни портали, Кабинетот на претседателот на Владата Алексис Ципрас и Министерството за надворешни работи на Грција, работат на планирање на посетата на грчкиот премиер на нашата земја.

Паралелно, новинарите во Грција, повикувајќи се на свои информации, пишуваат дека по патувањето на Ципрас во Скопје, ќе следи и посета на Зоран Заев на Атина.

– Министерскиот тим што ќе го придружува Алексис Ципрас, уште не е одреден, а се подготвува и бизнис делегација што ќе биде со него, во голем дел ќе бидат бизнисмени од Северна Грција. Туризам, градежништвото, енергетиката ќе бидат некои од областите на кои ќе се стави акцентот. Пред Велигден, пак, се очекува да се реализира посета на Зоран Заев на премиерската палата – објави грчкиот портал „Њузпост“.

Плановите за посета на Скопје ги откри самиот грчки премиер во петокот, вечерта за време на говорот на четвртиот Економски форум во Делфи. Како што веќе објави МИА, Алексис Ципрас рече дека многу бргу ќе биде првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје, придружуван од бизнис делегација.

Премиерот Зоран Заев, говорејќи за Независната балканска новинска агенција (ИБНА), од Минхенската безбедносна конференција, минатиот месец, рече дека ја очекува првата посета на Алексис Ципрас, „можеби во март или април, кога е најдобро за него“, и додаде дека потоа тој ќе ја посети Атина.

– Во Атина, ќе дојдам по прв пат со владиниот авион на кој ќе пишува „Република Северна Македонија“, за да им покажам на нашите пријатели од Грција, од грчката Македонија, дека се држиме до договорот и сакаме пријателски односи со јужниот сосед – рече Заев. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...