Пред да започне вакцинацијата против мали сипаници на децата и по скопските училишта в понеделник, на родителите прво ќе им биде одржана лекција за важноста на имунизацијата. Иако веќе има 46-мина заразени со морбили, досега, за среќа, ниту едно дете на училишна возраст не заболе од ова тешко заразно заболување – велат од Комисијата за заразни болести од каде се категорични – епидемијата која е во ек сигурно нема да го пролонгира зимскиот распуст!
Сега тимовите вршат засилена контрола во вакциналните пунктови во скопските поликлиники и амбуланти каде го проверуваат статусот на сите деца кои подлежат на имунизација. Тие треба да ги пронајдат сите деца до 14 години кои не се вакцинирани.
А има многу за барање, бидејќи од 7.655 првачиња запишани лани во Скопје, дури 1528 деца или речиси 20 отсто не примиле МРП вакцина. А во деветто одделение не се вакцинирани околу 1 отсто од децата.
– За посетување градинка не попуштаме кога станува збор за вакцинација и чие било дете да сака да оди, без уредно примени вакцини, нема да може, нека го чуваат дома. А родителите на училишните деца ќе може да избираат – ако не сакаат детето од понеделник да прими МРП вакцина во училиште или ќе треба да го носат на друго место, односно на вакцинален пункт во здравствените домови, а не да патуваат некаде во странство за да купат вакцина, или да платат казна во висина од 350 до 600 евра во денарска противвредност ако одбиваат вакцинација – вели прим. д-р Жарко Караџовски, епидемиолог и началник на одделот за тропски и карантински заболувања во ИЈЗ и член на Комисијата за заразни болести.
Тој додава дека секој родител ќе може да присуствува на вонредната вакцинација во училиштата.
– Тимови од Здравствениот дом Скопје прво ќе ги информираат родителите за важноста на вакцинацијата, за состојбата кај нас и во регионот каде со слични и поголеми размери се епидемиите во Србија, Хрватска, Романија, а ќе разговараат и со одговорните во училиштата. По проверката која е во тек, тимовите ќе имаат точен увид колку деца од кое одделение не се вакцинирани. Секој кој сака може да биде присутен кога неговото дете ќе се вакцинира. А во однос на транспортот, сите безбедносни мерки ќе бидат запазени – вакцините ќе се носат во фрижидери до училиштата и „студениот синџир“ секако ќе биде испочитуван, за тоа да не се грижат родителите – нагласува д-р Караџовски.
Најмалото дете кое заболе од мали сипаници во овој период е 8,5 месечно бебе, а најстар е 31 годишник, кој инаку е родител на едно од заболените деца. До завчера, 29 лица со морбили беа примени на Клиниката за инфективни болести, каде се задржани оние со потешка клиничка слика, а другите се на домашен третман.
– Досега, за среќа, ниту еден ученик не се разболе од мали сипаници, туку само деца помали од 6 години од кои најголем дел одат во градинка и повозрасни, а досега меѓу инфицираните, за среќа, нема ученици, што е добро пред најавената вакцинација која почнува за неколку дена. Да потсетам дека малите сипаници се заразно заболување кое може да предизвика компликации како воспаление на бели дробови, што е најчеста компликација, или на централниот нервен систем – додава д-р Караџовски.
Во овие две недели од мали сипаници се разаболеле вкупно 46 лица, а вчера уште две деца и една 43-годишна жена биле примени на Инфективна клиника.