Ечи музика од ресторани и кафулиња и тоа речиси секоја вечер, а некогаш и по 24 часот, таман кога скопјани ќе здивнат од оваа бучава, прагот на звучноста го пробиваат моторџиите, најчесто по скопските булевари. Ако и на работното место сте изложени на бучава поголема од 85 децибели, лекарите предупредуваат дека тогаш сте во сериозна опасност да го изгубите слухот и тоа трајно.
Помлад жител на Скопје, кој додека бил студент сменил неколку адреси во главниот град, раскажува:
– Иако мислев дека ќе биде помирно во близина на Зоолошката градина, се излажав. Прво се слушаше музика од дискотеките во паркот, таман ќе задремев, кога моторџиите ги испробуваа моќноста на „машините“ на Илинденска… Е, а кога и тој звук ќе стивнеше, немаше спас – почнуваа да рикаат лавовите и другите животни од Зоолошка… Ми пречеше многу, ама имаше и една придобивка – учев и ноќе, бидејќи не можев да спијам и побрзо го завршив факултетот – вели М. Ј.
Од 140 пријавени неправилности во врска со бучавата во Државниот инспекторат за труд во однос на безбедноста и здравјето на работа, отстранети биле 123. Најмногу пријави во земјата имало за бучавата во преработувачката индустрија – 52, а решени биле 44 случаи. Во градежништвото пребучни биле 11 фирми, а 8 ги отклониле неправилностите, додека во трговијата на големо и мало, вработени во 24 фирми слушале бучни машини, а сите работодавачи се корегирале по увидот и опомената од инспекторите.
– При вршење на инспекциски надзори, Државните инспектори на труд – од областа на инспекциски надзор за безбедност и здравје при работа, за да обезбедат вработените да работат на безбедни и здрави работни места и работна средина, при инспекцискиот надзор утврдуваат дали работодавачот ги презел мерките за безбедност и здравје при работа при што донесуваат решение за констатирани недостатоци со рокови за нивно отстранување. Едно од барањата е испитување на физичките штетности – бучава и механички вибрации. Испитувањата ги вршат лиценцирани правни субјекти за вршење стручни работи за безбедност при работа – велат од Инспекторат за труд и додаваат дека во случај на добиени вредности над дозволените, за вработените е предвидена лична заштитна опрема и нејзина употреба.
Кои се граничните вредности?
Правилникот за безбедност и здравје при работа на вработените изложени на ризик од бучава (Службен весник бр. 21 од 2008 год.) ги посочува минималните барања за заштита на вработените од ризици по нивното здравје и безбедност кои можат да настанат од изложеност на бучава. Граничните вредности на изложување и акционите вредности на изложување во однос на дневните нивоа на изложување на бучава и максималниот притисок на звукот, се утврдени на: гранични вредности на изложување до 87 dB, горни акциони вредности на изложување до 85 dB и долни акциони вредности на изложување до 80 dB.
Заштитата на вработените од физички штетности, како што е бучавата, треба да ја обезбеди секој работодавач. Потребно е да бидат идентификувани сите извори на бучава во работната средина. За секое работно место, работодавачот е должен да направи проценка на ризик. Согласно извршената проценка се спроведуваат мерења на изложеност на бучава. Проценката на ризикот и мерењата се вршат во соодветни интервали, според прописите за вршење на повремени прегледи и испитувања, од страна на организации со добиено овластување од Министерството за труд и социјална политика на РМ за вршење на стручни работи од областа на безбедност и здравје при работа.
Се вршат периодични мерења согласно стандардите МКС ISO 1999:2010 и МКС EN ISO 9612:2010 со цел да се идентификува дневно ниво на изложување на бучава и средно измерено време на нивоа на изложување за осумчасовен работен ден.
Од бучавата може трајно да се изгуби слухот
Звукот се дефинира како промена на притисок кој што човечкото уво може да го регистрира. Звукот се изразува со децибел (dB) што претставува логоритамска единица која се користи за да го покаже односот меѓу две величини со физичка количина, најчесто моќност или јачина. Непријатната звучна сензација која во организмот создава штетни ефекти се нарекува бучава. Изложувањето на високо ниво на бучава која може да биде постојана (континуирана), импулсивна и дисконтинуирана може да има бројни физиолошки и психолошки влијанија на вработените. Доколку изложеноста на бучава е на високо ниво подолг временски период, може да доведе и до трајно губење на слухот.
14 скопски моторџии казнети за бучава
Во текот на 2019 година, од 1 јануари до 31 мај 2019 година од Одделението за безбедност за сообраќајот на патиштата при СВР Скопје во однос на бучавата преземени се вкупно 14 мерки и тоа по чл. 54 став 9 од Законот за возила, кој гласи:
„Сопственикот на возилото е должен да побара промените во возилото кои настанале по неговото одобрување, а не претставуваат преправки и поправки согласно со членот 19 на овој закон, да бидат евидентирани кај техничката служба, во рок од 15 дена од денот на извршената промена. Глоба во износ од 200 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на сопственик на возилото кој постапува спротивно на одредбите од ставот (1) на овој член – велат од Одделот за односи со јавност и стратешки прашања во МВР и додаваат дека ова се однесува на оние моторциклисти кои вградуваат уреди за моторите посилно да се слушаат“.
За останати прекршоци како што се непочитување на црвено светло, пребрзо возење и други, од 1. јануари до 5. јуни годинава, Одделението за безбедност за сообраќајот на патиштата при СВР Скопје има преземено 331 мерка против возачи на мопеди, трицикли и четирицикли.
На граѓаните им пречи бучавата, а не пријавуваат
Од Министерството за животна средина и просторно планирање со зачудувачка изјава.
– Од јануари 2019 година досега не се поднесени Барања за поведување прекршочна постапка до Прекршочната комисија при МЖСПП, а во текот на 2018 година поднесени се само 2 вакви барања (за бучава од угостителски објекти). Досега, во изминатите 10 години сите пријави се поради зголемено ниво на бучава предизвикани од ресторани, кафулиња и дискотеки, а само неколку се за бучава од работа на клими и фрижидери во продавници или други деловни објекти – вели Тања Пауновска, раководителка на одделение во Министерството за животна средина и просторно планирање.
Таа додава дека изречените глоби се одмерени со тоа што основната глоба изнесува 500 евра, но оваа сума се намалува кај оние кои имаат помалку вработени, како и помал приход во претходната година согласно член 39 од Законот за прекршоците.
– Граѓаните може да пријавуваат гласна музика од угостителски објекти во општините каде што има овластени инспектори за животна средина и кои излегуваат на лице место, прават записник, повикуваат овластена фирма да ја измери бучавата. Доколку угостителските објекти го надминале дозволеното ниво на бучава треба да платат половина од предвидената казна (согласно издаден платен налог), а доколку не го платат инспекторите поднесуваат барање за поведување на прекршочна постапка до Прекршочната комисија при МЖСПП која изрекува глоби и ги дава на принудно извршување во УЈП доколку не платат доброволно. Битно е што средствата на наплатените глоби одат на сметката на општината – нагласува Пауновска.