Традиционално, деветта година по ред во Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ денеска се одржа манифестацијата „Јас сум талент 2019“, информираат од Општината Кисела Вода
Ученици од училиштето-домаќин и од општинските основни училишта од Кисела Вода со своите ритмички и музички изведби во преполната сала донесоа расположение и многу насмевки на лицата на публиката. Присутните на овој настан имаа можност во живо да ги слушнат изведбите и на познaтите македонски ѕвезди: поп пејачката Антонија Гиговска, Јуле од фолк групата Кисми, Иван Јованов од Либеро бенд и инструменталниот солист Робер Спасенцовски.
Комисијата составена од естрадните уметници кои настапија и поранешниот манекен и сопственик на модното студио Црнокрак, Мики Црнокрак ги избраа најдобрите изведби на учениците.
Првото место го освоија Јана Јовиќ и Симона Костадинова од ООУ „Кузман Јосифовски – Питу“ за заедничкиот настап со своите соученици со оштетен слух од истото училиште за изведба на песната „Мама миа“ на знаковен јазик, второто место го освои група ученици од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“ за изведба на познатата македонска песна, Дојди, дојди севдо моја и третонаграден е Јован Василевски од ООУ „Невена Георгиева – Дуња“ кој пред публиката на хармоника отсвири естрадно оро.
Во прекрасниот настап на изведувачите уживаа вработени во Општина Кисела Вода, како и од ДУРДМОВ „Димитар Влахов“, а имаше претставници и од МОН, од Лајонс клуб дистрикт 132 Македонија, претставници од НВО ЕСЕ, директори и наставници од основните училишта – учесници на манифестацијата.
На крајот, претставници на Лајонс клуб дистрикт 132 Македонија и НВО ЕСЕ на директорот Горанчо Јакимов му доделија благодарници за успешна соработка.