Триесетина пратеници од првиот пратенички состав на Собранието на Република Македонија од различни политички партии излегоа и ги повикаа граѓаните во недела да излезат да гласаат на референдум и да заокружат „за“.
Во заедничка изјава посочија дека тие како претставници на граѓаните во првиот собраниски состав ги удриле темелите на независноста, ги донеле декларацијата за независност, декларацијата за јасна определба во НАТО и ЕУ, одлуката за референдум во 1991, како и Уставот.
– Во 1993 година, приемот на Република Македонија во Обединетите нации беше условен со прифаќање на спогодбата со Република Грција и мислиме дека не погрешивме. Тогаш исто можевме да кажаме деа сакаме во ОН, но без референцата ФИРОМ, меѓутоа каде ќе бевме сега? Денеска, нашето членство во НТО и ЕУ е повторно условено со прифаќање на уште една спогодба со Грција. Мислиме дека ако го направиме истото повторно нема да погрешиме. Затоа, ние уставотворците мислиме дека денес имаме право да ве повикаме вас, граѓаните на Република Македонија заедно да направише уште еден вистински чекор во вистинско време – рече Алил Џаферовски, пратеник во првиот собраниски состав.
Пратениците побараа, граѓаните ставовите да ги искажат на избори, но ова е референдум и сега вистинската одлука е на 30 септември да се излезе и да се гласа.
– Вие со право можете СДСМ и Зоран Заев да ги почитувате или не, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски да ги почитувате или не, ДУИ и Али Ахмети да ги почитувате или не, како и сите други политички партии и лидери, но Макеонија мора да ја сакате – посочи Џаферовски во заедничката изјава.
Во заедничкиот повик до граѓаните од групата пратеници од првиот пратенички состав беше и поранешниот претседател Стојан Андов, како и пратеници од тогашниот состав на ВМРО-ДПМНЕ кои повикаа да се излезе и да се гласа „за“ на референдумот.