Европратениците со 535 гласа „за“ и 80 „против“ вчера ја усвоија првата резолуција во која експлицитно се признава дискриминацијата и расизмот со кои се соочуваат Европејците со африканско потекло.
Европскиот Парламент бара од земјите членки на ЕУ и од Европската Комисија сега да ги препознаат и признаат афро-европските жртви на расизмот, дискриминацијата и ксенофобијата, да им дадат соодветна заштита против нееднаквостите, и да се осигурат дека злоделата од омраза против оваа група граѓани адекватно се истражува, гони и санкционира, стои во соопштението на ЕП. Притоа, Европарламентот бара да се земат предвид лицата со африканско потекло преку финансирање конкретни проекти во идната европска повеќегодишна финансиска рамка.
Европската мрежа против расизмот, ЕНАР, го поздрави гласањето на оваа резолуција.
-Ова гласање е историски момент за признание на луѓето со африканско потекло во Европа, Европскиот Парламент го покажува патот и испраќа сигнал до земјите членки да се справат со структурниот расизам кој ги спречува црномурестите луѓе да бидат вклучени во европското општество, топката е сега во нивни раце и потребни ни се конкретни акциски планови и специфични мерки, изјави по гласањето Амел Јасеф, претседател на ЕНАР.
Резолуцијата доаѓа во време кога сѐ почесто се случуваат расистички инциденти и напади врз луѓе од африканско потекло во Европа, феномен за кој невладините организации кои се занимаат со оваа тематика алармираат одамна и бараат конкретни мерки од европските институции.
Со ова резолуција, меѓу другото, се очекува од земјите членки на ЕУ да усвојат национални антирасистички стратегии кои предвидуваат јасни мерки за поголема расна еднаквост, но и признание за злоделата и неправдите од минатото нанесени за време на европскиот колонијализам на африканскиот континент. Европратениците препорачуваат земјите членки да се заложат за конкретни репарации, преку јавно извинување или враќање на украдени артефакти за време на колонијалната ера. Парламентот смета и дека треба ЕУ земјите да ги декласифицираат колонијалните архиви.
Во Европа живеат околу петнаесет милиони лица од африканско потекло и се жртви на „длабоко вкоренети негативни стереотипи и дискриминација“, наведува ЕП.
ФОТО: EPA / STEPHANIE LECOCQ