Осумдесет и четиригодишна жена од Белград, која беше заболенa од западнонилска треска, е првата жртва што се поврзува со вирусот во Србија годинава, пренесуваат српските медиуми. Жената, инаку, била заболена и од неколку хронични заболувања.
Досега се регистрирани три случаи на западнонилска треска, два потврдени во Белград и еден, најверојатно, со фатален исход, објави Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ – Батут“.
До 15 август регистрирани се 68 случаи на западнонилска треска во земјите на ЕУ, од тоа во Грција 48, во Романија осум, на Кипар пет, во Италија три, во Унгарија два и по еден случај во Бугарија и Франција.
Првиот заболен од оваа болест кај нас е 66-годишен скопјанец кој е во критична состојба, и веќе неколку дена е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести.