Првата реформа на претседателот Пендаровски

Но, каде е тука претседателот на Републиката и неговата улога во комуникацијата со јавноста и поттикнување на овие позитивни општествени процеси?

5371

Имам една пријателка која и на речиси 40 години смета дека вистинскиот животен сопатник ќе го препознае само доколку почувствува „пеперутки“ во стомакот. Друга пријателка, пак, смета дека тоа е возраст во која повеќе се избира животен сопатник со разумот, отколку преку емоции. На оваа тема често имаме интересни дебати и размена на мислења.

Вака некако изгледаат и реакциите по изборот на новиот претседател на државата. Некои се радуваат, други сметаат дека требало поинаку… Но, едно нешто е различно од претходно. Сите се сложуваат дека претседателот Пендаровски е избран на фер, демократски избори, без ниедна дамка на изборниот процес. Никој не го нарекува „граѓанин“, „лице“, „нелегитимен“ и слично. Може да звучи едноставно, но лично сметам дека ова е голем исчекор во демократијата и созревањето на сите нас како граѓани, гласачи, политички партии или кандидати.

Имам чувство дека конечно на површина излегува граѓанската или нашата длабоко затскриена желба и потреба да се движиме само во вистинскиот правец и целосно да се придружиме на современите вредности на демократијата и економските текови на вистинска пазарна економија. Дали најпосле ќе успееме да ги заокружиме овие процеси зависи од секој од нас, но и од сите политички партии кои се денес или во иднина ќе бидат носители на власта. Наше е да притискаме и да го држиме курсот во овој правец, да ја подигаме личната свест како индивидуи кои најсетне станале целосно свесни дека секоја власт е платена и ги троши нашите, а не своите пари. Дека секоја власт нам, на граѓаните, ни дава отчет и нас ни се обраќа за да не консултира како треба да владее.

Впрочем, ајде тоа да го наречеме градење на современ систем на добро управување или владеење, кој партиските султанати ќе ги замени со ставање на индивидуите во центарот на случувањата. Наместо елитите, личноста ќе биде претпоставена на властите и слушана од нивна страна. Во исто време, индивидуата ќе сноси одговорност за своите постапки и макотрпно ќе се бори да го зачува ваквиот демократски систем, бивајќи коректив на секоја власт, без притоа да дозволи да западне во спрегата на политичка омраза едни со други, пресметки со неистомисленици и враќање назад во други економски системи кои денеска се напуштени дури и од некогаш најкомунистичките земји во светот.

Но, каде е тука претседателот на Републиката и неговата улога во комуникацијата со јавноста и поттикнување на овие позитивни општествени процеси?

На полувремето меѓу одлуката кого сè ќе зафати политичката „метла“ во Владата, како и заокружувањето на персоналниот состав на кабинетот на Претседателот, би сакал повторно да го свртам вниманието кон промените и новите вредности во политиката или она што најдиректно нè засега сите како граѓани.

Убеден сум дека претседателот Пендаровски има историска шанса да биде вистински предводник на овој процес за кој пишувам погоре во оваа колумна. Секој од нас е свесен колкави се надлежностите на претседателот и неговата мала правна моќ да одлучува и директно да ги менува состојбите во нашата држава. Но, и тука има едно големо но.

Претседателот не случајно се избира со мандат од 5 години. Токму поради ова, претседателот во дел од својот мандат соработува со партиите кои го кандидирале, но во друг дел често кохабитира со влада составена од неговите политички опоненти. Но, во исто време, токму од овие причини, нашиот Устав предвидува со стапувањето на должност, претседателот на државата да се откаже од своето партиско членство и сите други позиции кои ги има. Со стапувањето на функција, тој станува претседател на сите граѓани, човек кој обединува и личност која треба да биде коректив на владините политики во името на сите граѓани. А, Пендаровски, токму ова и го изјави како една од клучните пораки за време на неговата инаугурација.

Оваа одговорност ниеден претседател не смее да ја занемари. Напротив, треба да ја стави на врвот или на пиедесталот на своето работење. Крајно време е конечно да ја замениме политичката суета помеѓу носителите на власта со политики и активности кои во прв план ги ставаат интересите на граѓаните. На сите граѓани!

Претседателот е неопходно целосно да ја препознае и искористи предноста на дигитализацијата и со тоа дополнително да го направи своето владеење инклузивно, транспарентно и отчетно. Доколку мене ме прашате, јас не мислам дека претседателот треба да се фокусира на (не)потпишувањето на законите, што патем е една од неговите основни уставни надлежности. Мислам дека тој треба за секој закон јавно, на својата веб страна, да отвори форум на кој ќе се произнесе секој заинтересиран граѓанин, граѓанска организација, компанија… Да, претседателот сметам дека треба да ги потпишува речиси сите закони. Но, она што мора постојано да го прави е да испраќа детално мислење за секој закон кој го предложила Владата и усвоило Собранието, а што ќе произлезе од дебатата која претседателот ја поттикнал. На овој начин тој ќе се позиционира како вистински претставник на граѓаните и нивните интереси. А, против волјата и интересите на граѓаните никој не може зашто суверенитетот или власта доаѓа токму од пенкалото и волјата на граѓаните.

Може да звучи како едноставна работа и мал чекор, но ве уверувам дека токму овој потег ќе ја направи суштинската разлика. Ќе го направи претседателот вистинска совест и глас на граѓаните, човек кој постојано сите ќе не обединува и говори со гласот на граѓаните и нивните потреби.

На граѓаните не им треба татко или мајка на нацијата. Тоа е застарен концепт. Потребна ни е личност со која ќе се идентификуваме, претседател кој навистина ќе се издигне над политичките елити, суети и партиско послушништво и ќе ја замени ваквата пракса која ја изнагледавме изминативе децении.

Нашата земја, како и целиот свет остануваат на младите, ама често како да забораваме дека младите се првенствено нашата сегашност. А тие, младите, живеат во ера на компјутеризација и социјални медиуми. Овие генерации бараат транспарентност базирана на дигитализација и двонасочна комуникација. Затоа, да не бидеме робови на „нашето“ веќе минато време и вредности од минатиот век.

Убеден сум дека претседателот Пендаровски ќе го прифати тоа и ќе ја направи клучната реформа. Со тоа ќе осигура дека како земја, но и како граѓани постојано одиме напред и тоа во секоја смисла на зборот.

Авторот е специјалист за односи со јавност и нови медиуми

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...