Првата Парада на гордоста на скопските улици ќе се одржи на 29 јуни, соопшти Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија, денеска на прес конференција. Точната локација, маршрута и време ќе бидат дополнително соопштени.
Антонио Михајлов ја нагласи потребата од што е можно поголема поддршка и активно учество од сите чинители: политичари, јавни личности, активисти, уметници на Парадата на гордоста, солидаризирајќи се со ЛГБТИ луѓето. Парадата на гордоста креира простор кој еманципира и ослободува, и е отворен за сите, без разлика на нивната нација, вера, род, сексуална ориентација, родов идентитет итн.
– Годинава се одбележува 50-годишнината од првите демонстрации во Њујорк, познати како Бунтот од Стоунвол, кои беа пресвртна точка за создавање на ЛГБТИ движењето, односно борбата за почитување на основните човекови права и спротивставување на прогонот и стигматизацијата на ЛГБТИ луѓето – изјави Кочо Андоновски.
Македонија е последната земја од регионот која организира Парада на гордоста.