Првата изложба на Владимирски или кога соколите сликаат

Прашкото деби на Томо Владимирски било повеќе од успешно. Со големи симпатии неговите дела биле примени од одбраната публика и критика, а ако се суди и по оној другиот критериум - откупот на сликите, Владимирски поминал одлично.

647

Прашка зима е, студот влегува во коските, тукушто започнала новата 1937 година, во градот В’лтава се чувствува празнична атмосфера – почнувајќи од новогодишните огномети, преку панаѓурската раздвиженост на Старо Место и Мала Страна, вклучувајќи го и подзагреаното расположение на граѓанството со подзголемениот број на испиени кригли пиво. Во градската гунгула е и нашинецот Томо Владимирски, кој е тука веќе втора година: ем на ликовна специјализација кај прашкиот угледен професор Јаков Обровски во Уметничката академија во Прага, ем да го почувствува „шмекот“ на тукашната живејачка, да талка по улиците по кои талкале Муха, Кафка, Хашек, Храбал. Да го слуша и наслуша жуборот на В’лтава, најубаво опеаната река во опусот на Сметана, да се насладува на звуците од делата на Моцарт, Дворжак… Се разбира, одвреме навреме да го почувствува и магнетот на носталгијата, на првото зачекорување во светот на сликарството и првите поуки од зографот Димитар Андонов-Папрадишки.

Новогодишните празници во Прага бргу минуваат, оддалеку се насетуваат злокобните ветришта од соседна Германија, а Владимирски трескавично ја подготвува својата прва самостојна изложба во Прага. Местото на одржување – познато на сите што прочекориле по Малостранска: домот на Тирш, угледниот иницијатор и предводник на прашкото соколарство – Михнова палата на Ујезд, тукуречи на неколку доскоци до В’лтава, во спроти амбасадата на тогашна Југославија.

Тиршовата палата во која во 1937 година е отворена изложбата на Томе Владимирски

Татковина на соколарството

Кога веќе е спомнато соколарството, да не се заборави дека Чешка му е родна татковина: во 1862 година, со ниет да ѝ пружат отпор на германизацијата, чешките интелектуалци предводени од Мирослав Тирш, материјално поткрепени од велетрговецот Јандрик Фингер, го основаат Гимназиското друштво прашко, зачетокот на соколското движење со спортски и културен карактер, но и со идеолошка верба дека злото ќе го загуши и победи „само оној народ чиишто граѓани ќе бидат телесно и морално крепки“. Во здраво тело – здрав дух. Соколството не било волонтерско „убивање на времето“, била вистинска организација: со идеологија, со соколска воспитна методика, со стручни кадри, соколска просвета и стручен печат. Затоа и станало масовно движење на другите словенски територии, па и во западноевропските земји и САД. Основната жица сепак била – панславистичка.

Соколи без соколани не бидуваат: простории, претежно сали во кои се одржуваат (гимнастички) вежби на членовите на соколските друштва. Отпрво се знаеле правилата за изградба на соколаните – требало да бидат доволно пространи, со најмалку 4-5 метри квадратни за секој вежбач. Соколани имало и во Македонија: Скопје, Битола, Куманово, Штип… Некои од тие зданија денес се театри, а само некои, особено во Чешка, станале пивници, места за мерење на издржливоста на пивопијците. Најзначајна соколска манифестација биле слетовите, што ја зголемувале масовноста на движењето. Сесловенските соколски слетови традиционално се одржувале во Прага, често во деновите на големите црковни празници.

Македонски мотиви покрај В’лтава

Животниот пат на Томо Владимирски е уверлив доказ дека соколот не е само јунак-птица која пие вода на Вардарот. Од мали нозе му пристапува на соколството, а за време на студиите во Белград е избран за началник на управата на соколското друштво Белград III, член е на Управниот одбор на изградба на соколски дом и за организирање на првиот сесоколски слет… Првпат престојува во Прага 1932-та, кога учествува во изградбата на југословенскиот соколски павилјон на големиот сесоколски слет, одржан во чест на стогодишнината од раѓањето на апостолот на соколството д-р Мирослав Тирш. Така што доаѓањето на сликарска специјализација во Прага за Владимирски било нешто сосема обично, но и сосема прилично. Не е баш шега ако се каже дека во Прага тој приложил двоен доказ за себе и за својот народ: дека знае и да лета, и да слика.

Прашкото деби на Томо Владимирски било повеќе од успешно. Со големи симпатии неговите дела биле примени од одбраната публика и критика, а ако се суди и по оној другиот критериум – откупот на сликите, Владимирски поминал одлично. Вреди да остане запишано дека платното „Мотив од Велес“ е откупено од Карасковата галерија во Прага.

Не е познато дека Владимирски и во Прага се занимавал со соколство. Попрво ќе биде дека тој „занает“ веќе го испекол во Белград и дека во Прага исцело им се посветил на тајните на сликарството, за што сведочи неговиот подоцнежен грандиозен ликовен опус на еден од основоположниците на современото македонско сликарство – и како сликар, и како сценограф, и како педагог.

Особен е неговиот придонес во областа на сценографијата, каде што постигнал извонредни остварувања. Неговата основоположничка улога во модерното македонско сликарство посебно доаѓа до израз во театарскиот живот на Скопје – пред и по Втората светска војна. За тоа сведочи и фактот дека Томо Владимирски целиот работен век го поминал во Македонскиот народен театар, изготвувајќи сценографски решенија за многу драмски, оперски и балетски претстави.

Жуборот на Вардар и Радика, неговите трајни преокупации, преку неговите дела е присутен во многу музејски ( и приватни) збирки во Македонија и во светот.

Ах, да: традицијата на соколарството во Чешка уште се негува.

Македонија треба секогаш да има на ум дека нејзиниот сокол Томо Владимирски се вивнал во височините на сликарската уметност токму од бреговите на В’лтава. Една ретроспективна изложба на Владимирски во Прага, секако би претставувала висок лет на македонската ликовна уметност и култура воопшто.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...