Првата голема глобална лекција за македонската економија

Што ќе се случува? На прв поглед, логиката е едноставна. Ако заради лошите глобални економски околности се очекува дека ќе се намали глобалната побарувачка, логично е да се очекува дека ќе се намали и локалното производство. Ако се произведуваат помалку автомобили ќе се намали и производството на седишта или навлаки за седишта, што ги произведува некоја компанија во Македонија. Но, работите не се така едноставни!

1015

Последниот глобален економски потрес не ја потресе Македонија. Се сеќаваме, во 2008 година, банките во светот беа на колена. Глобалната финансиска криза ги раздрма дури и оние најсилните финансиски пазари. Има најмалку три причини зошто тоа речиси воопшто не се почувствува во земјава. Прво, тукашните банки немаа во своето портфолио софистицирани финансиски производи, т.н. „токсична актива“. Второ, банките од земјава не зависеа од заеми од банките „мајки“ за да управуваат со својата ликвидност, туку традиционално се потпираа на домашни депозити. Трето, Народна банка и банкарската супервизија си ја имаа завршено „домашната задача“ и ги имаа направено потребните чекори уште пред да започне кризата. Поентата е дека иако македонската економија, во конкретниот случај банкарскиот сектор, беа поврзани со глобалната економија, сепак таа врска не беше силна и потресот на светската сцена не се одрази неповолно на нашата домашна сцена. Со други зборови, немаше основа за да научиме голема лекција за тоа што значи да си поврзан со глобалната економија.

Но, сега се создаваат околности за прва таква голема лекција за македонската економија. Доколку навистина се случи глобална рецесија во 2020 година, тогаш таа ќе произведе значителни импликации за автомобилската индустрија во светот. Аспектите на тие импликации одлично ги образложи Виктор Мизо од германски „Костал“, со кого пред некој ден заедно учествувавме на панел-дискусија за рецесијата и автомобилската индустрија, тој како панелист, јас како модератор. Мизо посочи дека вкупниот број од 82,8 милиони продадени автомобили во светот во 2018 година, веќе сега, пред некаква евентуална длабока глобална рецесија, се намалува за 4,5 милиони автомобили, од што 2,5 милиони автомобили во Кина, 1,2 милиони во ЕУ, итн. Според Мизо, проценките се дека за враќање на глобалната продажба повторно на нивото од 2018 година ќе биде потребен циклус од неколку години што ќе се заокружи дури во 2022 година. Во такви околности, податоците веќе покажуваат намалено производство годинава.

Каде е тука македонскиот дел од глобалната приказна? Индустриското производство во земјава што е поврзано со автомобилската индустрија пошироко, игра многу значајна улога за македонската економија, за нејзиниот раст и извоз. Чисто како илустрација, извозот на машини и транспортна опрема од земјава, што е нешто поширок опфат само од автомобилската индустрија, на крајот од 2018 година е повисок за фрапантни 1,7 милијарди евра (!!) во однос на крајот на 2010 година. Ова значи отворени нови работни места, зголемен прилив во буџетот на државата, зголемен прилив на девизи во девизните резерви на Народна банка.

Што ќе се случува? На прв поглед, логиката е едноставна. Ако заради лошите глобални економски околности се очекува дека ќе се намали глобалната побарувачка, логично е да се очекува дека ќе се намали и локалното производство. Ако се произведуваат помалку автомобили ќе се намали и производството на седишта или навлаки за седишта, што ги произведува некоја компанија во Македонија. Но, работите не се така едноставни!

Според Мизо, има два момента. Првиот, до кој степен на искористеност на инсталираните капацитети се стигнати компаниите од автомобилската индустрија што произведуваат во земјата? Оние што се дојдени порано и имаат целосна искористеност на капацитетите, веројатно ќе имаат одредено забавување на активноста. Оние пак што се’ уште не постигнале целосна искористеност ќе продолжат да растат, но со побавна брзина. Вториот момент, дали се работи доминантно за трудоинтензивно производство или технолошката компонента е застапена во поголем обем? На краток рок, оние компании кај кои технолошката компонента е поизразена ќе поминат подобро. На подолг рок, парадоксално, можно е македонската економија и да профитира од вложените состојби во глобалната економија заради можноста во Македонија да се префрли дел од производството што во моментов се случува во земјите од Средна и Источна Европа заради пониските трошоци за производство. Тоа е покомплициран процес одошто изгледа на прв поглед и никој не знае колку време би било потребно за такво нешто.

Како ќе се одрази ова на македонската економија и во поширок контекст? Што и да се случува, постои проценка дека потенцијалните негативни ефекти од глобалната сцена ќе имаат одложено дејство за македонската економија од 6 до 9, максимум 12 месеци. Дали ќе има отпуштања од работа? Веројатно не или не многу, затоа што во земјава и онака е тешко да се најдат работници, а и во постојните е вложено за да се доведат до потребното ниво на вештини. Во Германија, на пример, прашањево изгледа ќе го решаваат со кратење на работното време, можеби тој модел ќе биде применет и кај нас. Сепак, имајќи го предвид релативното значење на автомобилската индустрија од земјава за македонската економија, потенцијалните неповолни последици не треба да се занемарат.

Како и да е, се создаваат околности за првата голема глобална лекција за македонската економија. Првпат ќе видиме како изгледа тоа кога глобалните случувања директно и во значителна мера се одразуваат на домашната економија. Во вакви околности важи старото правило: Добрите ученици, кои и да се тие во процесот, секогаш навреме си ги завршуваат домашните задачи и спремни го чекаат испитот.

(Авторот мр Зоран Јовановски е Главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за економски прашања)

Извор: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...