Пратеничката Мерал Узеири не е веќе ударна тупаница на ДПА

Дека во ДПА има потреси потврдува и вчерашната смената на Узеири од претседателската функција на Форумот на жени на партијата. Партиски извори за Плусинфо велат дека Узеири е на субспецијализација во Турција и дека не се занимаваат дали пратеничката останува или не во ДПА.

2063

Пратеничката Мерал Узеири Ферати не е повеќе во врвот на ДПА. Таа не потврдува дали ја напуштила партијата, но партиски извори за Плусинфо велат дека Узеири е на субспецијализација во Турција и дека не се занимаваат дали пратеничката останува или не во ДПА.

Дека во ДПА има потреси потврдува и вчерашната смената на Узеири од претседателската функција на Форумот на жени на партијата. За нова претседателка на Форумот е избрана Фатмире Исаку, која неодамна беше избрана и за потпретседателка на ДПА. Смената на Узеири е индиректна потврда дека лидерот Мендух Тачи и ДПА повеќе не можат да сметаат на ангажманот на пратеничката во највисоките партиски структури. Индикативно е дека Узеири вчера не се појавила на Конференцијата за избор на претседателка на Форумот на Жените иако до вчера таа беше на чело на таа функција. Нејасно е само дали Узеири самата одбила да дојде или воопшто не била ни поканета од партијата.

И покрај обидите не успеавме да добиеме одговор од Узеири дали ја напуштила партијата и ако е така кои се причините и имало ли несогласувања со партиското раководство.

Од ДПА одбиваат да коментираат дали Узеири сѐ уште е дел од партијата.

– Пратеничката е на субспецијализација во Турција. Не се занимаваме дали таа доаѓа во партијата. Сигурно останува член на ДПА, но повеќе не е и во раководството – вели функционер од ДПА за Плусинфо.

Од партијата велат дека смената е нормално освежување на кадри во ДПА пред изборите. Пред Нова година е избрано и новото најтесно партискон раководство. Избрани се пет потпретседатели на ДПА. Освен Исаку, потпретседатели се Азем Садику, Ваљбона Тоска, Орхан Ибрахими и Фринзим Даути. Генерален секретар на ДПА е Сали Ајдини.

Узеири заедно со лидерот Мендух Тачи се актуелни пратеници во Собранието. Узеири била пратеничка од ДПА во четири собраниски мандати, односно од 2008 до 2011, од 2011 до 2014, од 2014 до 2016 и од 2016 до 2020. Узеири по професија е гинеколог.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...