Со многу емоции и растреперен глас пратеничката Катерина Кузмановска сведочеше во Кривичниот суд за крвавиот четврток.
– Мислев дека никогаш нема да излезам жива од Собранието. Немав доверба во никој кој беше околу мене. Сигурна сум дека можеше да се случи најлошото, да изгубиме човечки животи – рече Кузмановска одговарајќи на прашање на обвинителката Вилма Рускоска за тоа како се чувствувала на 27 април.
Таа за време на упадот била на галеријата од прес центарот каде Зоран Заев држеше прес-конференција.
– Колегите пратеници ни дадоа предлог да се симнеме долу за да не не фрлат од галеријата во прес центарот долу. Наредија бироа, само три пратенички успеаа да се симнат. Се качив на оградата од галеријата, ги фрлив чантата и чевлите долу и бев спремна да скокнам. Се се случи во катко време, не знам како толку бргу успеаа да дојдат. Кога се спремав да скокнам колегата Максим Димитриевски, кој ги прифаќаше пратеничките долу, извика дека веќе влегле и не треба да скокам. Останав неколку секунди да седам на оградата. За кратко време околу 15тина лица од толпата влезе во прес центарот. Не можам да разберам колку голем гнев беше собрано во тие луѓе. Имаше двајца во црни маици и фантомки кои очигледно даваа насоки. Настана општ хаос, се слушаа пцовки и навреди: „Предавници”, „Убијте ги”.
Почнаа да маваат со се, со постолје од столици, со кабли како како и направени фрлаа. Седев неколку секунди на оградата и верувајте не можев да дишам – раскажуваше Кузмановска.
За тие неколку секунди вели таа, видела како силен удар завршил во Зоран Заев што го раскрварило. За неколку секунди, посочи пратеничката, можеле да се видат раскрварени лица.
– Последната слика ми беше прегратката на Максим кон Зоран Заев – рече Кузмановска.
После тоа останала во галеријата стуткана покрај ѕидот. Некој од нејзините колеги рекол да излезат од галеријата како знаат за да не ги фрлат од таму.
– Се исправив и погледнав уште еднаш надолу. Добро ќе беше никогаш да не погледнав долу. Видов како Радмила Шекеринска ја скубат за коса, Соња Мираковска вриштеше најверојатно за помош… Тоа беше кратко, се свртев ја покрива главата и се обидов да излезам. Дел од толпата викаше „фатете го шарениот, убијте го”, мислејќи на Павле Богоевски. Други викаа „Фатете ја полицајката и таа има да плати”, мислејќи на Фросина Ременски. Пробав да излезам некој ме фати и ме турна паднав до вратата од галеријата – рече Кузмановска.
Од таму ја извлекол вработен во собраниското обезбедување, човек кој и ја покрил главата и ја однел во амбулантата од каде потоа ги евакуирале во канцеларијата на Влатко Ѓорчев, а потоа и во касарната во Ѓорче Петров.