Премиерот Зоран Заев денеска се сретна со двајца пратеници од германскиот Бундестаг, Јосип Јуратовиќ и Мартин Росеман и нивни соработници и со претставници од фондацијата Фридрих Еберт, придружувани од амбасадорот на Сојузна Република Германија во Република Македонија, Томас Герберих, информира Владата.
– На средбата е изразена поддршка за успешна реализација на претстојниот рефередум, како за европската и атлантската иднина што се отвора со него за Македонија и граѓаните. Германските пратеници Јуратовиќ и Росеман ги посочија владите во Македонија и во Грција како светла точка којашто ја разбива „балканската темнина“ и покажуваат како се практикува вистинска демократија, стои во соопштението.
На состанокот било нагласено дека демократските вредности се придобивка што е важно да ја практикуваат сите политички субјекти во државата и била изразена надеж дека постои потенцијал за тоа кај политичките партии, независно од нивната идеолошка определеност.
– Патриотите сакаат и мислат на народот, а националистите мразат и мислат на личните интереси, сега е време да го кренат гласот вистинските патриоти и да ги осигураат евро-атлантските перспективи на Македонија и економскиот стандард на граѓаните – порачаа од германската делегација.
Премиерот Заев рече дека во тек се фер, транспарентни и едукативни подготовки за гласањето на претстојниот референдум.
– Македонија и граѓаните се пред историски момент и јас сум убеден дека мнозинството граѓани ќе дадат поддршка за светла иднина на Македонија, во Европската Унија и во НАТО. Верувам во граѓаните дека ќе најдат сила да ја обезбедат својата иднина и иднината на младите кои ќе бидат мотивирани да останат да живеат, учат и работат во Македонија, наместо да си ја напуштаат родната земја, рече премиерот Заев.
Претседателот на Владата, Заев се заблагодари на Германија за принципиелната поддршка во обновата и практикувањето на демократијата, како и за важното стратешко партнерство на економски план, како еден од најголемите инвеститори во Македонија.
Премиерот Заев се заблагодари и на претставниците на Фондацијата Фридрих Еберт којашто ги помагаше демократските процеси во Македонија во најтешките години изминатата деценија.
Претставниците на Фондацијата Фридрих Еберт најавија дека и понатаму ќе го помагаат дијалогот и ќе ги поддржуваат демократските вредности значајни за граѓаните.
На денешната средба, од страна на премиерот Заев и Ева Елерајт од Фондацијата Фридрих Еберт, беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Владата на Република Македонија и Фондацијата Фридрих Еберт.