Пратениците се вратија, за референдумската кампања никој ништо не знае

80

Собранието на Република Македонија денеска започна со редовната работа по одморите иако интензитетот се очекува да се зголеми од среда за кога е закажана координативна средба на претседателот на Парламентот Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи. Од оваа средба би требало да се очекува одговор на прашањето за улогата на Собранието во јавната пропаганда и други активности за референдумот на 30 септември. Исто така во среда Владата на седница ќе одлучува во врска со средствата за референдумот.

Пратениците што денеска ги затекавме во Собранието и од владејачкото мнозинство и од опозицијата велат дека не знаат како ќе се одвива кампањата. Од ВМРО-ДПМНЕ велеа дека се дојдени за друга работа и за ставот за референдумот упатуваа на одлуките на партиските органи, додека од СДСМ, пак, рекоа дека во текот на денот ќе се одржи партиска прес-конференција на таа тема.

Горан Милевски од пратеник од ЛДП изјави дека во однос на начинот на водење на кампањата за референдумот се уште нема договор меѓу коалициските партнери.

– Ние како коалициски партнери се уште немаме седнато да се договориме кој тип на кампања ќе водиме и дали ќе водиме, дали тоа ќе биде кампања што ќе ја водат владините институции и дали Собрание, дали Влада или ќе водиме партиска кампања по ова прашање, дали ќе биде кампања „за“ или промотивна кампања за излегување на референдум. Се надевам дека после богородичните празници ќе седнеме како владина коалиција и ќе дискутираме за ова прашање. Знаете дека Владата во среда на седница ќе дискутира и колку пари ќе одвои за референдумската кампања – изјави Милевски.

За дилемите што се јавија во јавноста во однос на јавната кампања, медиумското претставување, вработувањата и други прашања поврзани со за референдумот, пратеникот смета дека има правен вакуум што, како што вели, требаше да го расчисти Државната изборна комисија.

– Меѓутоа и тие го оставија тој вакуум да лебди, Владата се обидува да даде некои предлози, се надевам дека и Собранието ќе даде некои предлози и ќе имаме некое финално решение – вели пратеникот од ЛДП.

Пратеникот Фадил Зендели од Беса, од крилото на Касами изјави дека целата законодавна постапка за референдумот е надлежност на Собранието, но она што може да биде спорно е колку има надлежности Собранието да биде носител на активност во однос на организирање на референдумот.

Бидејќи се предлагачи на одлуката за распишување на референдум, според Зендели треба Собранието и пратениците да бидат носители на кампањата, но според него во еден момент ваквата кампања ќе се трансформира во партиска бидејќи пратениците доаѓаат од политички партии.

– Тие се дел од политички партии. На терен тоа ќе се одвива помеѓу поддржувачи на референдумот и можеби оние што не го поддржуваат. Тука можеби ќе остане една работа спорна за дел од тие чинители на политичката сцена кои не се во Собранието – рече Зендели.

Тој додаде дека не само партиите што се претставени во Парламентот ја сочинуваат политичката сцена во Македонија, туку и други партии но и НВО и други организации.

Како пратеник од Беса, тој рече дека ќе биде вклучен во кампањата и оти партијата го поддржува референдумот.

Во Собранието денеска седница имаше само Комисијата за економски прашања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...