Пратениците побараа Собранието да му го одземе имунитетот на Груевски

154

Комисијата за пратенички и мандатно-имунитетни прашања одлучи да му препорача на Собранието да му го одземе  пратеничкиот имунитет на поранешниот премиер Никола Груевски, осуден на двегодишна казна затвор во предметот на СЈО „Тенк“.

На седницата на Комисијата не присуствуваа членовите од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Барањата на судот за притвор на Груевски за шест предмети на СЈО беа прифатени без расправа со пет гласа „за”, немаше воздржани, ниту некој беше против.

Претходно, претседателот на  собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања Павле Богоевски побара да се спроведе темелна истрага за бегството на поранешниот премиер.

Тој изрази разочарување што системот и органите на прогонот не го обезбедиле присуството на Груевски, за кого денеска треба пратениците да одлучуваат дали ќе му препорачаат на Собранието одземање на имунитетот.

– Комисијата и Собранието се ставени во контрадикторна ситуација. Како пратеник, но и како човек, разочаран сум што нашиот систем не успеа да го обезбеди присуството на Груевски за издржување на затворската казна. Јас лично и јавноста бараме да се спроведе темелна истрага и да се утврди одговорност каде системот потфрлил – рече Богоевски.

Според него, искуството во овој случај треба да послужи како лекција за да се корегираат, како што рече, недостатоците на системот кои довеле до оваа контрадикторна ситуација. Уште поголем апсурд, рече тој, е тоа што останува претеничкиот мандат на Груевски кој му овозможува пратеничка плата.

Одлуката на собраниската Комисија ќе биде испратена до претседателот на Собранието Талат Џафери кој треба да закаже седница на Собранието.

Инаку, станува збор за предметите „Титаник“, „Траекторија“, „Насилство во Општина Центар“, „ТНТ“, во кои Груевски е обвинет.

Груевски избега во Унгарија каде што доби азил.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...