Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја баталија дебатата, ќе гласаат против уставните измени

1988

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од коалицијата „За подобра Македонија“ денеска на заедничка координација одлучија да се откажат од јаловата дебата која што се води во Собранието на Република Македонија, соопштија од партијата.

– Пратеничката група заклучува дека е кажано се и дека нема потреба од натамошна дебата во однос на предложените уставни измени и Договорот од Преспа што беше отфрлен од народот на Референдум. Истовремено, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ апелираат и до пратениците од владејачкото мнозинство да се откажат од настапите и да се пристапи кон гласање по предлогот на Владата на Република Македонија за уставни измени, стои во соопштението.

Воедно се посочува дека тие нема да гласаат за пристапување кон измени на Уставот.

– Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата ја изразија својата увереност дека предложените измени и амандманите на Уставот нема да минат во Собранието на Република Македонија и со тој свој став го запозна раководството на ВМРО-ДПМНЕ, при што едногласно ја потврдија својата позиција дека ќе гласаат против уставните измени, стои во соопштението.

Во македонското Собрание денеска е во тек третиот ден од дебатата за потребата за пристапување кон уставни измени на предлог на Владата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...