Пратениците на СДСМ не сакаат да се распуштат пред да го ратификуваат Протоколот за НАТО

„Овој парламентарен состав го понесе товарот на донесувањето на Законот за ратификација на Преспанскиот договор и на усвојувањето на уставните амандмани и би било коректно да го ратификува и Протоколот за членство во НАТО“, велат пратеници од мнозинството

3612

Овој парламентарен состав не треба да се распушти пред да го ратификува Протоколот за членство на С.Македонија во НАТО. Тоа  е ставот што, според неофицијални информации, го заземале голем дел од владејачките пратеници. Според неофицијални информации, тие планираат да им го пренесат овој став и на премиерот Зоран Заев, како и на лидерот на ДУИ Али Ахмети, и покрај тоа што  одлуката за распуштање на Собранието, формално, ја носат самите пратеници.

„Овој парламентарен состав го понесе товарот на донесувањето на Законот за ратификација на Преспанскиот договор и на усвојувањето на уставните амандмани. Би било коректно истиот собраниски состав да го ратификува и Протоколот за членство во НАТО, како финална фаза од процесот на зачленуваање на нашата земја во Алијансата, што беше овозможено со затворањето на спорот за името со Грција“, велат за „Плусинфо“ соговорници од пратеничката група на СДСМ.

Тие очекуваат овој парламент да го ратификува Протоколот за НАТО, како чин кој треба да следи откако сите земји членки на Алијансата ќе завршат со ратификациите. Со оглед на тоа што се чека само уште ратификација од Шпанија, пратениците велат дека се надеваат дека истата работа „дома“ ќе ја заврши оваа гарнитура во парлментот во Скопје, независно дали тоа ќе биде пред или по ратификацијата во парламентот во Мадрид.

Според најавите, ако се процени дека ратификацијата во Шпанија нема да заврши до 10 февруари (како почетен термин за распуштање на парламентот пред изборите што се договорени за 12 април), тогаш теоретски во игра се две опции: одложување на изборите или „предвремена ратификација“ на Протоколот, која потоа би се чувала во „фиока“ додека не биде готова ратификацијата во Шпанија.

Одложување на изборите се смета за потешко изводлива варијанта, иако од парламентарното мнозинство велат дека засега е извесен само изборот на техничка влада околу 3 јануари. Распуштањето на парламентот, пак, треба да се реализира четириесетина дена потоа, односно по 10 февруари. Потребни се 61 глас за пратениците да донесат одлука за „самораспуштање“ и потоа да се одржат вонредните избори.

Што се однесува до т.н. „предвремена ратификација“, што првично како идеја ја пласираше ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Заев изјави неодамна дека тоа е опција што вреди да се разгледа, но дека иницијативата за тоа треба да произлезе од владата.  Сепак, по средбата со шпанскиот премиер Педро Санчез во Лондон,  Заев изрази надеж дека Шпанија ќе стигне со ратификацијата до крајот на јануари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...