Опозициската ВМРО-ДПМНЕ нема донесено конкретна одлука за тоа дали нејзините пратеници ќе го напуштат парламентот, нешто што вчера го најави партискиот лидер Христијан Мицкоски.
Соопштението од седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ се наведува дека се расправало за актуелната општествено-политичка состојба и подготовката на партијата околу предвремените парламентарни избори.
„ИК на ВМРО ДПМНЕ смета дека со вчерашните настани во собранието и материјалот доставен од свиркач практично се докажува дека мозокот на операцијата Рекет е токму Зоран Заев. Јасно е дека Зоран Заев бил финансиер на телевизијата на главноосомничениот за Рекет Јовановски и дека Заев точно знаел и бил упатен и за најситните детали од рекетот“, наведува партијата.
Таму е посочено дека 12 април е дент кога мора да се одржат предвремените парламентарни избори за крај на кризата и за крај на политичката кариера на Заев.
Инаку распуштањето на Собранието, првично најавено за вчера, се одложи поради обидот на власта да се донесе Законот за јавно обвинителство, кој претставниците на меѓународната заедница неколкупати го споменаа како важен, но не и услов за европските интеграции.
Собранискиот спикер Талат Џафери истакна дека крајниот рок за распуштање на парламентот е 16 февруари, недела.