Пратениците и членови на собраниската Уставна комисија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ допрва ќе се координираат дали ќе присуствуваат на седницата за отворање на Уставот и како ќе дејствуваат. Член на комисијата од ВМРО-ДПМНЕ ни изјави дека по координацијата во 10.30 часот ќе го соопштат ставот.
Од опозициските пратеници потврда дека ќе присуствуваат на Комисијата добивме од Иван Стоилковиќ од Демократска партија на Србите, Фадил Зендели од Беса на Касами и Сурија Рашиди од Алијансата за Албанците.
Зендели и Рашиди уште на првата комисиска расправа ќе излезат со барањата на Беса и Алијансата за промена на Уставот. Двете партии како што веќе најавија поддршката за уставните амандмани ќе ја условат со свои барања за промена на Уставот, односно Албанците да не бидат застапени како проценти, за националноста се бара освен македонско да биде и албанско, јазикот…
Со Комисијата за уставни прашања претседава Талат Џафери. Членови на комисијата од власта се Бетиан Китев, Енес Ибрахим, Соња Мираковска, Самка Ибраимоски, Лилјана Поповска, Анета Симеска-Димоска и Татијана Лалчевска. Од опозицијата членови на комисиката се Никола Груевски, Трајко Вељаноски, Димитар Ставананџија, Нада Ципушева, Дафина Стојаноска, Иван Стоилковиќ, Стојан Миланов и Фадил Зендели и Сурија Рашиди.
На Комисијата треба да се отвори дебата за владиниот предлог за уставни измени. Собраниската седница на која ќе треба да се гласа по Предлогот за пристапување кон уставни измени ќе се одржи в понеделник. Македонската влада упати до Собранието предлог за четири уставни амандмани – за додавање на додавката Северна во името Република Македонија, за измени во Преамбулата и за измени во членовите 3 и 49. Според роковите пропишани во Деловникот, целата постапка за уставни измени може да заврши најрано за три и пол месеци.