Во периодот од 1 април до 30 јуни 2018 пред пратениците биле 210 постапки за донесување на закони. Тие донеле 132 закони, 8 биле повлечени, еден не бил прифатен, а 27 се сѐ уште во процедура.
Ова го покажуа првиот периодичен извештај од набљудувањето на работата на Собранието во рамки на проектот „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ“ на Граѓанската асоцијација МОСТ.
Од донесените 132 закони 13 се сосема нови, а 113 се измени на постоечките, додека 6 се ратификации.
„Во овој период пратениците се главни предлагачи на закони со 65,1 отсто од донесените закони, за разлика од претходниот период кога 71,4 отсто од донесените закони беа предложени од Владата. 11 закони се донесени по скратена постапка (8,7 отсто), а 115 (91,3 отсто) по редовна постапка. Продолжува позитивниот тренд на носење на закони по редовна постапка, започнат во претходниот период на набљудување. Во набљудуваниот период донесени се 6 закони за хармонизација со правото на ЕУ“, пишува во извештајот на МОСТ.
Кога е во прашање транспарентноста на работата на комисиите во Собранието, во извештајот се потенцира дека истата е намалена во однос на усвојувањето на записниците, но е зголемена во однос на објавувањето на извештаите и стенографските белешки од јавните расправи.
Извештајот на МОСТ претставува продолжение на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“ и содржи податоци за работата Собранието во периодот 1 април – 30 јуни 2018 година.