Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија експресно го изгласаа Законот за спречување и заштита од дискриминација.
Претседателот на парламентот, Талат Џафери, ја прекина седницата на која се расправаше за интерпелацијата на министерот за внатрешни работи и ја отвори 90. Седница на чиј дневен ред е токму Законот за антидискриминација.
Експресно, за само неколку минути, се констатираа присутните пратеници и гласаа. Од присутни 62, гласаа 54 од кои 53 беа „за“, а еден „воздржан“. Со оглед дека Законот се носи со т.н бадентерово мнозинство, за него гласаа 13 од 20 присуни пратеници кои се припадници на немнозинските заедници, против немаше, а еден беше воздржан.
Расправата по Предлог-законот за антидискриминација, кој е со европско знаменце, мина во спротивставување на ставовите на власта и опозицијата во однос на придобивките од ова законско решение, колку тој е во функција на заштита и унапредување на правата и слободите на граѓаните, наспроти заштитата на традиционалните вредности.
За власта законот е европски, демократски, со него се унапредуваат човековите права и слободи по сите основи, за опозицијата со него се отвора можноста за редефинирање на категоријата семејство, бришење на бракот како заедница на маж и жена, нови критериумите за посвојување и нови курикулуми во училиштата.
Итно да се донесе овој закон, кој осум месеци беше закочен утрово на протест пред Собранието побараа и граѓанските организации, здруженија и платформи.
– Законот повеќе од осум месеци е заглавен во Собранието и покрај јавното ветување од СДСМ дека ќе се донесе во најкус рок. На последната седница претседателот на Собранието без никакво образложение го тргнал законот од дневен ред. Со ова Собранието уште еднаш потврди дека граѓаните не им се приоритет – рече Елена Петровска од Националната мрежа за борба против хомофобија и трансфобија.
Затоа, како што рече таа, ги повикуваат пратениците од најголемите политички партии од мнозинството – СДСМ и ДУИ итно да го донесат законот на денешната седница, а ја осудуваат реториката која во врска со законот ја користат нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ.
Согласно законското решение се забранува секоја дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа.
Законот претходно беше во собраниска процедура во редовна постапка, но беше „заглавен“ осум месеци, по што Владата го повлече и го препрати со европско знаменце по скратена постапка.