Со купување маички на која е насликан сончоглед пратениците од Собранието на Република Македонија се вклучија во кампањата за помош на децата хоспитализирани на Клиниката за онкологија при клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Пред почетокот на седница претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека кампањата се одвива преку купување маичка, која чини 1.230 денари. Сите средства што ќе бидат собрани од продажбата на маичките директно ќе се донираат за оваа кампања.
Настанот што се одржа во сала „Македонија“, како што рече Џафери, учествуваа сите 120 пратеници од Собранието претставувајќи ги граѓаните од Република Македонија, како и дел од собраниските служби.
– Овој настан уште еднаш ја потврди волјата и желбата на сите пратеници активно да учествуваат во кампањата со која се помага на оние на кои им е напотребно – рече Џафери.
Оваа активност е во рамки на хуманитарната кампања „Македонија ти си сончоглед“ што ја спроведува фондацијата „You are Sunflowеr“ чија цел е подобрување на условите за лекување на децата од најтешките болести, како што се ракот или леукемијата.