Заменик претседателката на собраниската Комисија за труд и социјална политика Весна Пемова денеска ја прекина седницата поради немање кворум, откако пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Горан Манојлоски ја напушти седницата во знак на револт, како што кажа, поради инцидент што му се случил на пат кон Собранието.
Манојлоски рече дека утрово кога одел на работа кон Собранието на кружниот тек во скопската населба Ѓорче Петров бил запрен од страна на вооружени полицајци кои, како што посочи, и покрај тоа што им кажал дека е пратеник му рекле да излезе со цел да извршат претрес внатре во возилото.
Тој рече дека нема да се враќа на работа во собраниските комисии додека не добие официјално известување од страна на министерот за внатрешни работи или МВР во врска со настанот.