Православните христијански верници во Македонија утре го слават Бадник, ден пред големиот празник Рождество Христово – Божиќ.
Бадник традиционално ќе биде одбележан со собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје. Манифестацијата ќе почне со бадниковата химна што ќе ја исполни„ Силви бенд“ и со кревање на бадниковото знаме.
Свештениците од Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ ќе ги осветат нафората, чајот и ракијата, како и бадникарските гранчиња, што годинашните кумови и здравичарот традиционално порано ги набраа на падините на Водно, а кои ќе им се делат бесплатно на присутните.
Присутните граѓани ќе ги пречекаат стариот кум Влатко Огненовски со преодниот пехар, градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, новиот кум Љупче Николовски со погачата со златна паричка и здравичарот Миливое Алексиевски. Потоа тие ќе се упатат во Соборниот храм каде ќе се одржи свечен чин на осветување и кршење на погачата од страна на архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, кој ќе одржи традиционална беседа, по што сите заедно ќе дојдат на бината каде ќе продолжи свеченоста.
Здравичарот ќе ја каже здравицата во име на Одборот за прослава, на присутните ќе им се обратат кумот, како и скопскиот градоначалник, кој потоа ќе му го врачи ќупот на новиот кум. Кумот и здравичарот ќе си заминат со пајтон.
Во Скопје и во уште неколку градови во Македонија утре ќе бидат организирани и детски бадникови поворки како предвесник на утрешниот христијански празник Рождеството Христово – Божик.
Децата учесници во бадниковите поворки во придружба на своите родители и роднини во 11 часот ќе се соберат на платото пред црквата „Св.Димитриј“ во Скопје каде ќе се одржат Божикен концерт и Божикна претстава.