Православните христијани во Македонија денеска го слават Рождеството Христово-Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе богослужи литургија на Св.Василиј Велики.
По повод Божик, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан заедно со Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, до свештенослужителите, монаштвото и до сите верници, упатија Божикно послание во кое им пожелуваат мир и благослов од Бога, поздравувајќи ги со величествениот торжествен поздрав – Христос се роди! во кое меѓудруото се вели:
„Возљубени чеда во Господа, многубројни се тајните преку кои Бог се грижи за светот и човекот. Преку тие тајни созданието се облагодатува и воздигнува и е во единство со Бога. Нив Бог ги објавил и преку Црквата ги оставил заради спасение на човечкиот род. А најголема тајна во историјата на светот и човекот е таа дека – Бог се јави во тело, дека Бог постана – Богочовек.
Токму празникот Рождество Христово е денот во кој се исполни таа најголема тајна, ветена од Бога – денот без кој ќе беше невозможно спасението на човечкиот род. Овој празник е денот на исполнетото време, на остварените пророштва и очекувања, празник – матица на сите празници. Без Рождеството немаше да го има Воскресението, но и без Воскресението немаше да се исполни Божјото вочовечување. Затоа Божик е празник на небоземната радост – денот кога сите битија Го слават Бога и се радуваат на спасоносниот настан!
Тој е највеличествениот ден, денот на неповторливата радост за севкупното создание: ангелите го објавија спасоносното рождество на Синот Божји и Му принесоа славословие; небесата – со болскотот на ѕвездата Му се поклони на Царот над царевите, а земјата Му дари пештера; мудреците од Исток и пастирите од Витлеем со радост Го прославија и Го даруваа Богомладенецот, а човечката природа Му ја дарува Пречистата Богородица – Неговата Мајка. Затоа, нашиот свети Климент, Охридскиот Чудотворец, така поучува: „Милостивиот Господ Бог наш…, Кој се облече во нашето тело сакајќи да го обожи со Своето Божество, денес се раѓа од чиста Дева и како дете се повива во пелени… и во јасли како сиромав човек се положува”.