Православните верници го слават Богојавление

Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година.

101

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление – Водици, што се празнува уште од вториот век. Поврзан е со крштавањето на Исус Христос во водите на реката Јордан од страна на свети Јован, кој оттогаш се нарекува Крстител. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет, што го извршува црквата на овој ден.

Традиционално, во реките се положуваат крстови, а оној што ќе го фати светиот крст се верува дека ќе го следи благослов и среќа во текот на целата година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот водите се осветуваат и стануваат лековити.

Како и во минатите години, најмасовно се очекува да биде во Скопје и во Охрид. Во Скопје се пријавени 140 граѓани за учество на манифестацијата „Водици 2020“.

Централната манифестација во Скопје ќе се одржи напладне, кога архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан ќе го положи крстот во Вардар од мостот кај хотелот „Холидеј ин“. Претходно, во 9 часот, тој ќе богослужи Златоустова литургија во црквата „Рождество на Пресвета Богородица“, а во 11:45 часот богојавленски литии ќе се упатат кон местото каде што ќе се одржи традиционалната верска манифестација.

Првата богојавленска литија (поворка) е планирана од храмот „Св. вмч. Димитриј“ во Скопје, преку кејот кај Министерството за надворешни работи до мостот кај хот. „Холидеј ин“, а втората литија ќе почне од храмот „Рождество на Пресвета Богородица“ во која ќе учествува и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан и ќе се движи по кејот на Вардар и покрај МНР ќе пристигне на мостот.

Од Скопската епархија информираат дека лицето кое ќе го фати крстот ќе прими честитки и дарови од архиепископот г.г. Стефан.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...