Нема правна одбрана за амнестијата за 27 април која беше селективна и насочена кон оние пратеници на ВМРО-ДПМНЕ кои беа спремни да гласаат за промена на името, по принципот амнестија за глас. Има само политичко објаснување. И тоа, секако не е, дека тепаните едвај чекале да ги амнестираат тепачите. Толку барем секому треба да му е јасно. Другото го знаат оние кои ја изучуваат меѓународната политика.
Она што се случи со Преспанскиот договор е дело и на големата светска политика а не само на храбрите премиери на двете земји, Заев и Ципрас. Ривалитетот на големите сили на Балканот ја наложи потребата од брзо решавање на грчко-македонскиот проблем. Проблемот, како што сум напишал во повеќе прилики, стана безбедносно прашање на САД и на западниот сојуз. „Мекиот стомак на Европа“, Балканот и во неговиот центар Северна Македонија, прераснаа во безбедносно прашање на Америка.
Како security issue на Западот, решението имаше приоритет над нашата правна држава. Такви, имено, се реалностите на односите на сили во меѓународната политика. Значи, големата цена која, уште веднаш, при решавањето на проблемот со името ја плати македонското општество беше уништената верба во правдата. Манипулациите околу обезбедувањето на потребните гласови за да поминат уставните промени беа толку очигледни што лесно ги разбра и најнеинформираниот гласач. Од притвор на гласање не е начин да се брани правната држава иако, во нашиот случај, беше начин да се одбрани државата од пропаст. Но, треба просветено гласачко тело за да разбере дека нерешеното име со соседот кое нѐ држеше триесет години надвор од евроатлантските интеграции се закануваше да ја уништи нашата држава, па така, го одбравме помалото зло. Притоа, решавајќи го проблемот кој се закануваше да ја уништи нашата држава, ја уништивме (да се надеваме привремено) вербата во правдата.
Двата процеса кои се одвиваа паралелно, решавање на спорот со Грција и афирмирање на правната држава преку судска разрешница на злоупотребите на власта од страна на претходното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, се судрија, а во сударот помеѓу меѓународната „сканија“ и домашното „фиќо“ однапред беше јасно кој ќе го изеде подебелиот крај, правната држава. Оние кои ја отворија вратата на парламентот за толпата да ги тепа или убие пратениците и владата беа ослободени од обвиненијата. И ништо немаше да биде необично во нашата политика ако новата политичка гарнитура на СДСМ не дојдеше на власт на слоганот „Нема правда нема мир“. Оттука и огромното разочарување.
Значи, таа операција, водена од врвот на власта со нашиот главен стратешки партнер Америка ја спаси државата од пропаст, ставајќи ја под безбедносниот чадор на НАТО, но го упропасти почетокот на процесот кој требаше на голема врата да ја воведе правдата во Македонија. Нашата битка за правна држава почна со борбата против злоупотребите на власта на водството на ВМРО-ДПМНЕ обелоденети во снимените материјали. Расчистувањето на таа афера значеше строго придржување кон словото на законот особено од новата власт. Значеше и чесност, која е дефицитарна, а не цинизам и лицемерие кои ионака ги имавме во изобилие.
За жал, сѐ заврши во уште поголем цинизам и лицемерие. Во одредени случаи, гласовите мораа да се „купат“ и тоа на сметка на правната држава. Притоа, сите што се отцепија од ВМРО-ДПМНЕ, се здобија со незаслужена слава и поддршка од западни дипломати и политичари во посета на земјата. Еден од нив беше и во државната делегација на Северна Македонија која го посети папата во Рим. Ваквиот однос кон луѓе кои пред очите на јавноста ги отвораа вратите на парламентот стана потврда дека нашата култура на неказнивост е неуништива.
Гледајќи само бргу да се реши проблемот со Грција и потценувајќи го заразниот ефект на амнестијата за 27 април, никој од врвот на државата не се обиде највистинито да проговори. Можеби тоа и не беше можно затоа што можеше да ги расипе нашите односи со Америка и Западот. Но, без искрено објаснување, страшниот исклучок се закануваше да се претвори во правило. Така, наместо вистината, завладеа цинизмот и лицемерието кај двете најголеми македонски партии. Кај владеачката, со преправање дека ништо страшно не ѝ се случило на правната држава, а кај опозициската со непризнавањето дека решавањето на проблемот со името е спас за опстанокот на државата. Целава ова атмосфера на врвот на државната политика не можеше а да не се почувствува подолу во пирамидата на извршната и судската власт.
Слаби, несреќни, личности како Катица Јанева во Специјалното јавно обвинителство, а претпоставувам и други, не можеа да одолеат на искушенијата. Логиката е: па, ако можат овие горе вака да манипулираат со вистината и правдата, зошто не и јас. Но, тие горе барем имаа повисока цел – безбедноста на државата која, заслепени од рефлекторите на меѓународната сцена, не ја објаснија со вистински зборови. Така исклучокот да се „купат“ одреден број гласови за промена на уставот стана стана правило и доказ дека сѐ е по старо во државата. Се разбира, сите посакувавме и повикувавме партиите да постигнат конкретен консензус околу компромисот со Грција наречен Преспански договор, но сѐ што добивме од ВМРО-ДПМНЕ беше апстрактен консензус околу НАТО и ЕУ. Како никогаш да не разбраа дека таков консензус не се важи затоа што не го решава проблемот.
Потребен е консензус околу конкретен компромис, жива жаба која што некои поинакви политичари од Груевски и соработниците би ја проголтале за доброто на својот народ и својата држава, а ја проголта Зоран Заев. И, сега? Утеха наоѓам во сознанието дека правниот и политичкиот систем може да се обноват, но загубената држава не.