Свесни сме дека Законот за јавното обвинителство допира различни, спротивставени интереси, и тоа можеше да се види не само во рамките на работната група, туку и во коментарите на пошироката јавност, како од експерти, новинари, претставници на невладини организации, така и од претставници на политичките партии, велат од Министерството за правда.
Оттаму велат дека законот не содржи скриена амнестија.
„Клучната цел на Министерството за правда е овој закон да создаде одржлив систем, со ефикасни гаранции за професионална борба против криминалот и корупцијата, систем кој нема да содржи скриена амнестија, ниту можност било кој да ја избегне правдата. Министерството за правда во неколку наврати укажа дека еден од клучните предизвици е разграничувањето на надлежноста меѓу СЈО и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Решението кое е предложено е на линија на предлогот содржан од работната група, составена од обвинители, судии, експерти“, велат од Министерството.
Според нив, законот кој го усвои Владата содржи гаранции за автономијата и функционалноста на СЈО.
Користењето на „бомбите“, нагласуваат, е едно од прашањата за кое укажавле дека е посебен предизвик за постигнување согласност од две третини од пратениците во Собранието.
„По опсежни консултации, дали исклучувањето на користењето на аудио материјалите во постапките може да го наруши процесот на докажување на вина во судските постапки, превагна ставот дека нивното користење само како индиции нема да наштети на постапките кои ги води СЈО, а значајно беше да се зачува валидноста на материјалните докази прибрани досега врз основа на аудио материјалите“, сметаа од Правда.
Оттаму ги повикуваат сите кои имаат конкретни предлози за измени и подобрување на предлог-законот да достават конкретни предлози.
Реакцијата на Министерството за правда следува откако шест граѓански организации реагираа на предлог-законот барајќи да се повлече и да се доработи. Тие прашуваа зошто постои СЈО ако не се користат „бомбите“ како докази, нешто за што беше и формирана оваа институција. Граѓанскиот сектор реагираше и дека никој не се консултирал со нив и оти законот не бил објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР).
Меѓутоа, од Правда посочуваат оти работната група составена од јавни обвинители, судии, домашни и странски експерти, изработи законски текст кој на 4 декември 2018 година, бил објавен на ЕНЕР, а паралелно со него, беше објавен и посебен Закон за СЈО, кој ги отсликуваше ставовите на СЈО.
„Правилата за објава на законските текстови на ЕНЕР беа целосно испочитувани, од причина што врз основа на коментарите и мислењата коишто стасаа од сите заинтересирани, беа земени предвид при конечното формулирање на законскиот текст. Согласно правилата, текстот на законот може да се менува и на самата владина седница, и не е предвидено секоја измена којашто се работи во министерствата да биде објавена на ЕНЕР. Всушност, тоа е и поентата, врз основа на коментарите, на најшироката јавност на која законот се прави достапен преку ЕНЕР, да се изработи конечниот текст којшто ќе биде пуштен во собраниска процедура“, сметаат од Министерството.