Германската автомобилска компанија „Фолксваген“ соопшти дека од јули 2019 година ќе престане со производство на легендарниот модел „буба“.
Првата серија од овој модел беше произведена во далечната 1938 година во Германија, а автомобилска компанија соопшти дека пред да го прекине производството во фабериката во Мексико ќе пушти во продажба две посебни серии „Final Edition SE“ и „Final Edition SEL“, кои ќе бидат достапни како купе и кабриолет.
Од „Фолксваген“ наведуваат дека причина за ваков чекор е трендот на автомобилскиот пазар, каде фокусот е насочен кон теренски возила и електрични возила.
– Прекинот на производството по три генерации, и речиси седум децении, ќе предизвика силни емоции кај љубителите на ова возило – истакна директорот на „Фолксваген Америка“, Хајнрих Воебкен.
Моделот беше дизајниран во 30-те години на минатиот век од Фердинанд Порше, а по Втората светска војна стана исклучително попоуларен, особено кај младите. „Буба“ доби култен статус во 60-те години со хипи движењето, но деценија подоцна почна да бележи пад во продажбата.
Фото: EPA/M.A.PUSHPA KUMARA