Во однос на дилемите, кои деновиве се појавија кај радиодифузерите, за начинот на емитување на платената јавна пропаганда во врска со референдумот, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) потсетува дека до 17 август 2018 година трае јавната расправа за препораките на Агенцијата за медиумско претставување за време на референдумот.
По нејзиното завршување, Советот на АВМУ ќе одлучи дали ќе биде овозможено дополнително време за емитување платена јавна пропаганда, како што побараа дел од радијата и телевизиите.
„Имајќи предвид дека јавната пропаганда е започната, посочуваме дека во меѓувреме, радиодифузерите треба да ги почитуваат одредбите од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, односно платената јавна пропаганда да ја емитуваат во рамки на лимитот за рекламирање од 12 минути на секој реален час, јасно одвоена од другите содржини и со јасно означен нарачател. Притоа, на сите заинтересирани субјекти треба да им се обезбедат еднакви услови за пристап до времето за рекламирање, со еднакви цени за сите“, се наведува во соопштението од АВМУ.
За ваквиот свој став, од Агенцијата наведуваат дека ја известиле Државната изборна комисија и писмено и на заеднички состанок.
„Агенцијата смета дека тоа што Законот за референдум утврдува дека овластениот предлагач, во случајов Собранието на Република Македонија, може да води јавна пропаганда, не значи дека има „привилегиран пристап“ до медиумите, ниту во поглед на користењето на времето, ниту во поглед на цените за рекламирање“, се наведува во соопштението на Агенцијата за медиуми.